Министерството за култура и туризам формираше работна група, која е задолжена да изнајде решенија и надминување на проблемите со кои секојдневно се соочува Старата скопска чаршија, меѓу кои полесен пристап за посетителите и долгорочно решавање на проблемот со паркинг-просторот.
Ова, на Фејсбук, го обелодени министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој наведе дека во работната група се: градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу; Весела Честоева, в.д. директорка на Управата за заштита на културното наследство; Борче Топуковски, в.д. директор на Музејот на Македонија; Марија С. Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам; Давча Спасова, советничка во Секторот за заштита на културното наследство и Нехмедин Буши од Занаетчиската комора на Скопје.
– Ги разгледавме можностите како да се овозможи полесен пристап за сите посетители на Чаршијата, како и долгорочно да го решиме проблемот со паркинг-просторот, за да се создадат услови овој споменик на културата да биде достапен за сите. На барање на занаетчиите и на сопствениците на дуќани во Чаршијата, а во интерес на посетителите, работната група ќе ја разгледа можноста недела да биде работен ден за Чаршијата, имајќи предвид дека тоа може да значи придонес во развојот на локалната економија – наведе Љутков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.