На шестиот конкурс за стрип Лифт пристигнаа петнаесет стрипови од четрнаесет автор(к)и. Жирито (Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски) како најдобар го издвои стрипот „Наскоро градот ќе падне“ на Ѓорѓе Јовановиќ.
Стрипот се издвојува со ликовната рафинираност (Јовановиќ суверено владее со цртежот, боите, колажните моменти), т.е. со прецизниот уметнички ракопис кој ги преиспитува и проширува границите на медиумот. Уметникот заслужува пофалби и поради ангажираниот пристап, бескомпромисно сликајќи ги морничавиот град и мрачните луѓе (луцидното портретирање е уште една одлична одлика на авторот) во епоха на војни, страв и несигурност. А сепак, во целата констелација, како контраст, има и доволно хумор, игривост, луцидност… Атмосферата во Наскоро градот ќе падне драматуршки веродостојно ја оцртуваат стиховите од истоимената песна на израелскиот поет Амир Ор, кои на делото му даваат дополнителни историски и воени (секогаш актуелни, за жал) контекстуализации.
Иван Коминовски vo Let’s go Again има интересна, духовита и добро раскажана приказна, и текстуално и ликовно: млад цртач на стрипови не знае што да прави со себе и почнува разговор со сопствениот нацртан лик. Цртежот е минималистички, без многу детали, базиран речиси само на линија (со минимален внес на сива боја, за сенките во одредени кадри). Коминовски е млад автор, со второ учество на конкурсот, и од допрва него очекуваме нови стрипски потфати (иако главниот лик во стрипот e малце нерешителен и мрзлив:).
Матеа Аризановска на конкурсот испрати два добри стрипа. Жирито го награди стрипот Новиот Еден. Матеа има фино чувство за композиција, монтажа, портретирање… Инспирација (барем за ликовниот дел) ѝ се мангите. Во одредена мера таа го владее медиумот на стрипот. Приказните не се сосема развиени, но Матеа, како и Иван, е авторка од која допрва се очекуваат пробои во медиумот кој очигледно ѝ е близок и низ кој знае да се изразува.
Во најтесна конкуренција за наградите беа и стриповите Holding the breath на Омо Тесандо и At Death’s Door на Војдан Андонов (сценарио) и Цанко Стефанов (цртеж). За жал, тие два стрипа жирито ги исклучи од конкуренцијата за награди зaшто претходно биле објавени (таблите на Тесандо на блогот на Владо Јаневски во стрип серијалот Flakeday, а стрипот At Death’s Door учествувал на неколку стрип изложби). Важно е да се каже дека во случајов не станува збор за измама од страна на авторите на овие стрипови, туку за поинакво разбирање на условите на конкурсот, т.е. поинакво разбирање на тоа што значи објавување. При распишување на конкурсот, во иднина, ќе треба да се допрецизира условот дека „право на учество имаат стрипови кои досега не биле објавувани“.
Во секој случај, жирито им изразува благодарност на сите автори, низ сите шест години, што испраќаат стрипови и го одржуваат Лифт конкурсот не само жив туку и витален и поттикнувачки. Веруваме дека во годините пред нас конкурсот ќе расте, во секоја смисла.
Десетте најдобри стрипови од конкурсот објавени се во зборникот Лифт #6, традиционалниот придружник на наградата Лифт. Зборникот ќе биде објавен и во електронска форма, на Окно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.