Охрид конечно доби свој професионален театар“ гласеше веста пред 11 години во повеќето од медиумите. И токму веста со солзи радосници ја пречекаа една мала група на амбициозни и професионални актери од Охрид, ентузијасти, па дури и болни оптимисти. На таа мала група на актери подоцна се приклучи уште една мала група и станавме 10, можеби малку но сепак силни, рече на денешната прес конференција по повод 11 години Народен театар Охрид, актерот Стрезо Стаматовски, навраќајќи се години нананзад.

На денешен ден пред 11 години за првпат била изговорена првата реплика од претставата „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветановски од сега веќе институционализираниот Народен театар Охрид.

Оттогаш, па досега се одиграни 35 премиери од режисери, еминентни имиња од областа на театарот во нашата држава. Се реализираа 67 гостувања по различни театри и фестивали. Досега на матичната сцена имаме одиграни преку 400 претстави, пред 39 000 посетители. Нашиот театар има добиено скромни 5 награди со кои се гордееме. Наградите се од реномирани фестивали во Македонија, како Војдан Чернодрински во Прилеп, Ристо Шишков во Струмица, како и од фестивали надвор од земјјата. Охридскиот ансамбл брои сега засега само 10 души, амбициозни, работливи и може е нескромно да кажам дека работиме со сите можни сили во сите оние услови кои ги имаме односно немаме. Денес нашиот театар оваа вечер пред да ги дувне свеќичките ќе си замисли една желба со цел да му се исполни во иднина, а тоа е да ги слави и следните родендени со уште повеќе вработени актери, режисери, драматурзи, техничка екипа и се надевам во една поинаква атмосфера, нова зграда, нов театар со еден голем знак каде што ќе пишува „Народен театар Охрид“. Ова не треба да биде желба, туку и должност на надлежните, зошто на овој град кој милуваме да го нарекуваме „град на светлината“ го заслужува сето тоа, рече Стаматовски.

Актерот Филип Кипровски кои од здравствени причини не присуствуваше на пресот се обрати во писмена форма потенцирајќи дека сите почетоци се тешки, а 11 години воопшто не се малку, но во театарскиот временски простор 11 години се само чекор.

Една буква од насловот на драмскиот текст, ама голема буква. Низ нив нашата куќа се среќаваше со сè и сешто, со подеми, падови, залети и кочници, сонце и дожд, луѓе и „луѓе“, но тоа не прави нас посилни, поистрајни, поединствени и обединети во идејата дека ја сакаме оваа сцена. Театарот е вечен, вечен нека е и нашиот, истакна Кипровски.

Надеж дека овој ден ќе го слават уште години нананзад, но и дека ќе внесе радост и среќа не само во срцата на ансамблот на охридскиот театар, туку и во срцата на сите охриѓани и пошироко на нивната публика изрази актерот Никола Тодороски, додека пак актерката Адријана Билаловиќ Тодороска потенцираше дека театарот е отворен и му требаат и нови и млади луѓе, коишто ќе ги остварат своите почетоци можеби на театарската сцена во Охрид.

Охридскиот театар е место каде сите ние имаме можност да работиме многу, да твориме, да се развиваме, сплотуваме и изградиме како ансамбл, рече актерката Елизабета Стефановска додавајќи дека тоа што во моментов екипата е мала и не е така лошо, а се надева дека ќе ја зголемат бројноста и на актерската екипа и на премиерите.

Инаку, пред официјалното оформување на театарот како професионален, истиот функционирал во Охрид и имал една пауза од 50-60 години. Тогаш работел на едно аматерско, но многу ентузијастично ниво.

По таа пауза, дел од тогашните професионални актери меѓу нив Марија Новак, Горан Стојаноски формираат група на аматери измешана со професионалци и започнуваат да одржуваат претстави на професионално ниво со своевиден репертоар во тогашниот Дом за култура.

Во 2010 година била покрената иницијатива за собирање на потписи од граѓани за формирање на градски театар, а истата била препознаена и со Одлука на Влада се формирал денешниот професионален театар кој работи како одделение во Центарот за култура.

Екипата после паузата поради Ковид пандемијата почнува да работи со полна пареа, за што говори и податокот за предвреме распродадени сали за претставата „Енергични луѓе“ која и вечерва по повод роденденот ќе биде одиграна со почетокот во 20 часот.

Театарската екипа ја најави и претставата „Секс, лаги и љубомора“, во режија на Коле Ангеловски, каде гостин актер е охриѓанката, актер во МНТ – Марија Новак. Премиерата е планирана околу 13 јули во Центарот за култура на малата сцена. Со ова велат се финишираат две третини од овогодишниот план на одобрени претстави, а останува уште една претстава која се надеваат дека од септември ќе почне да се реализира. Во плановите за во наредниот период е и гостување на фестивалот „Гола месечина“ во Скопје со претставата „Енергични луѓе“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.