Подгответе се за незаборавна вечер. Оваа година, Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола слави 80 години од своето постоење, што го прави најстариот македонски хор кој неуморно ја негува нашата музичка традиција и култура.
Основано на 6 ноември 1944 година, веднаш по ослободувањето на Битола, друштвото започна со концерт предводен од првиот диригент и композитор, Тодор Скаловски. Тој и хористите, некогашни партизани од Седмата македонска ударна бригада, настапија на плоштадот во Битола, пренесувајќи ја слободната македонска песна во чест на паднатите борци. Овој момент стана основа на традицијата што со децении ги инспирира и обединува битолчани и македонски уметници ширум светот.
Друштвото доживуваше златен период со над 120 хористи и неколку оркестри, меѓу кои мандолинскиот и дувачкиот оркестар, и патуваше ширум светот. Оваа културна гордост го достигна врвот како прв македонски хор што гостувал во Грција, а со настапите во земји како Франција, Англија, Шпанија и многу други, „Стив Наумов“ остави неизбришлива трага на меѓународната сцена, под диригентство на доајенот на македонското хорско пеење Љубомир Трифуновски.
На 6 ноември, среда, со почеток од 18:00 часот во Народниот театар во Битола, ве покануваме на Свечената академија. Ова е ретка можност да го доживеете духот на КУД „Стив Наумов“, кој со своите три ансамбли – младински и мешан хор и мандолински оркестар продолжува да работи и денес, негувајќи ја музиката и сеќавањата за генерации.
Дојдете и бидете дел од ова патување низ историјата, љубовта кон музиката и културното наследство што е вредно да се зачува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.