Краткометражниот игран филм „Ако немаше небо“, снимен по сценарио и во режија на Бранко Попчевски, ги освои наградите за најдобар краток филм, како и за најдобар актер за улогата на Ѓорѓи Јолевски, на филмските фестивали во Калкута и во Мадјапрадеш, во Индија.

Во филмот покрај Јолевски игра и Елизабета Клинчаревска Младеновска, а истиот е сниман во продукција на „Сан Арт“. Се работи за здружение за аудио-визуелни уметности од Скопје, основано во 2015 година од страна на Бранко Попчевски, чие долгогодишно искуство како продуцент и композитор 30+ години во индустријата, резултираше со продукција на 12 документарни филмови, над 20 музички спотови и над 20 ТВ реклами.

Филмот претходно беше прикажан во официјалната селекција и на меѓународни филмски фестивали во Ванкувер, Монтреал, Лондон, Будимпешта и Загреб. Сценарист и режисер на филмот е Бранко Попчевски, продуценти се Никола Китановски и Бранко Попчевски, додека кинематографер е Никола Китановски. Монтажата е на Ивона Попчевска, костимографијата е на Раде Василев, шминката на Игор Петрески, додека музиката ја потпишува Бранко Попчевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.