Расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ под шифра „Сина планета 369“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2022 година, што ја доделува Општина Охрид по повод традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“. На конкурсот пристигнале 56 раскази.
Жири-комисијата во состав, Димитар Пандев – претседател и Славе Ѓорѓо Димоски и Перчо Божиноски – членови, по разгледувањето на пристигнатите раскази, заклучила дека македонските автори на раскази опфаќаат разнородни тематски слоеви и доста варираат на естетско-уметнички план.
– И покрај тоа што повеќето од пристигнатите раскази не задоволуваа одредени расказни критериуми, еден дел од нив се издвоија со високи уметнички вредности, а пет влегоа во најтесниот избор. По повеќе дискусии, Комисијата едногласно одлучи годишната награда „Живко Чинго“ да му припадне на расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ под шифра „Сина планета 369“ – стои во образложението на жири-комисијата.
Расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“ се издвоил со високата уметничка нарација, структурата и со тематската иновативност.
– Приказната осцилира меѓу стварноста и дистопскиот наратив и авторот вешто користи ироничен и прониклив однос кон новото време, со расказот виртуелно наведува на непостоење граница меѓу физичкото и духовното во современиот живот на човекот, прикажан преку главниот лик – стои во одлуката за наградата „Живко Чинго“ за 2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.