Жири-комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2022 година да ѝ припадне на стихозбирката „Куќа“ од Јулијана Младеновска-Тешија.
Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда.
Пристигнаа 76 стихозбирки, со најразлични поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегоа пет стихозбирки: Славица Гаџовска-Свидерска Golgotha Feminarum, Јулијана Младеновска-Тешија „Куќа“, Шифра Имануел „Умоверзум“, Тања Павлеска „Созборка“ и Виолета Танчева-Златева „Глуво време“.
„Врата. Влезете“ ни вели поетесата и зачекоруваме во „Куќа(та)“ на Јулијана Младеновска-Тешија. Стиховите што нè пресретнуваат ни посакуваат светло и весело добредојде. Ова е особено интересна и длабоко восхитувачка поезија која уште од првиот допир со неа нè внесува во некоја нова димензија од секојдневното, но и посебното, интимното, скриеното, личното. Преку графичките интервенции во текстот, поетесата става акцент и го насочува вниманието кон оние нешта кои нејзе ѝ се важни, но во исто време, не го занемарува и останатиот текст. Оваа поезија во исто време има збор, музика, слика и танцува во ритам кој е надополнет со интертекстуално вклопените модерни музички парчиња. Токму со тоа оваа поезија изобилува со фигуративна експресија која навлегува во сопствената, лична димензија на читателот и се меша со емоциите што ги предизвикува. Конечно, авторката многу мудро и многу интуитивно ја избрала куќата за да ја покаже повеќезначноста на тој поим. Со тоа суптилно се доближува до Антевата куќа, која, иако овде е прикажана на многу помодерен и поразличен начин, во основа е синоним за телото, домот, земјата и татковината. На тој начин оваа поезија се карактеризира со врвни естетски вредности и претставува поетски идиом на македонскиот јазик.
Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, Комисијата, исто така, реши да додели и две награди „Антев златник“. Комисијата едногласно одлучи наградите „Антев златник“ за 2022 година да ги додели на Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Глуво време“ и Славица Гаџовска-Свидерска за стихозбирката Golgotha Feminarum.
Виолета Танчева-Златева е веќе докажана и афирмирана поетеса која и со оваа збирка поезија го потврдува своето мајсторство во зборот. Преку јасниот и прецизен стил, Танчева Златева создава поетски светови кои директно и индиректно комуницираат со реалното и секојдневното, но и со скриеното и фигуративното. Притоа, таа креира поетска реалност во која метафоричноста луцидно се прекршува и менува со директно кажаната реалност на светот кој нè опкружува. Силата на оваа поезија е во едноставниот стил кој ги буди сетилата и во истиот момент провоцира реакција кај читателот со што не остава можност за негова рамнодушност.
Golgotha Feminarum на Славица Гаџова-Свидерска преставува поетска збирка која е своевиден храм на жената и женската мака. Песните во оваа збирка се гласен женски крик, кој извира од длабочината на тешките судбини на жените. Тие се гласен потсетник за тегобноста и мачноста на женската душа, но и за предрасудите, стигмата и бесчувствителноста на општеството. Со едноставниот поетски израз, Гаџова-Свидерска соопштува важни вистини кои заслужуваат да бидат чуени.
Конечно, Жирито дискутираше и за трите стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик: Софија Тодороска „Контури“, Матеја Богдан „Посветено“ и Рената Пенчова „Точки во бескрајот“. По темелно разгледување на сите збирки, Комисијата донесе одлука наградата „Антев часовник“ да ѝ припадне на стихозбирката „Точки во бескрајот“ на поетесата Рената Пенчова.
Поетската збирка „Точки во бескрајот“ на младата поетеса Рената Пенчова претставува вистинско освежување во македонската поетска мисла. Нејзиниот зрел и јасен стил изобилува со умерена фигуративност што придонесува оваа поезија да се карактеризира со одлични естетски квалитети кои по стилот и обработените теми се доближуваат до поетиката на великанот Анте Поповски.
Комисијата искрено им се заблагодарува на сите учесници на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и изразува надеж дека и во иднина ќе продолжи интересот за оваа престижна награда. Во наредниот период ќе следи уште едно соопштение со кое јавноста ќе биде информирана за датумот, местото и терминот на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2022 година и врачувањето на сите награди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.