Претставата “Мац, мац!” во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар “Џинот”- Велес и Гете Институтот ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на овогодинешниот Интернационален театарски фестивал во Приштина (Prishtina International Theatre Festival) кој се одржа помеѓу 20 и 26 мај.

Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сарајево, Интегра од Приштина, Ерато Театар и ХНК од Загреб, Експерименталниот театар “Кујтим Спахивољи” од Тирана и Народниот театар од Подгорица. Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка) пак, додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарите Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (КултПлус). За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, додека за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.

Актерите и режисерот од “Мац, мац” кои настапија на фестивлот на 23 мај велат дека се изненадени од високото ниво на професионализам и беспрекорна организација од страна на организаторите на фестивалот кои групата ја пречекале со сите почести. На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место завземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.

Во склоп на фестивалот, режисерот одржа и работилница по пост-драмски театар пред група на млади актери и студенти по актерска игра од Косово на кои им ја демонстрираше Вјупоинтс техниката по која е работена претставата. По успешното гостување во Приштина, претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември 2024 година, кој е од натпреварувачки карактер.

 

Фото: Јили Бериша



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.