Во галеријата “aA29 Project Room“, во Милано, до 16 март ќе биде претставена заедничката изложба “In Common“ на македонската уметница Нада Прља и Изабела Перс од Италија, курирана од Лаура Черубини.

Изложбата, како што се наведува, во најавата се однесува на споделувањето на заедничките истражувања на двете уметнички за актуелната социјална, политичка и еколошка криза со која се соочува планетата. Тие изложуваат критика без отстапки кон човекот кој сè уште не сфатил дека е дел од еден единствен голем екосистем. Друг одлучувачки јазол на изложбата лежи во деконструкцијата на типичните практики на масовните медиуми, со цел да се отвори дискусија за употребата и злоупотребата на овие медиуми.

Нада Прља, чиј проект „Субверзија во црвено“, ја претставуваше Македонија на Биеналето во Венеција во 2019  година, за својата уметничка инсталација на изложбата во Милано за Expoarte ќе каже: „Во моето последно дело ‘Дневник за катастрофи II’ (2021), користам акрилна боја за да ги напишам датумите на природните катастрофи на страниците на весниците, земени во лондонското метро, со цел да ја истакнам нивната зачестеност во последните години. Времето поминато во сликање на датумите и земјите во кои се случија такви катастрофи ме натера да размислувам за тие настани и за нашата иднина. Целта на оваа серија е да се насликаат датумите на сите природни катастрофи во светот, од 2004 година до денес, со цел да се промени перспективата на луѓето на оваа тема“.

Дополнување на „Дневникот на катастрофи II“, е графичкиот роман AdaN, во кој главниот лик е нејзиното алтер его, чие име е палиндром изведен од името на уметницата. АдаН живее во блиска иднина или апокалиптични времиња, во кои планетата го претрпела неизбежниот колапс. Во овие критични времиња, уметникот АдаН се свртува кон рециклирање на својата уметност за да продолжи да ја создава без да ги злоупотребува материјалите, со што им покажува на другите уметници дека тоа е единствениот начин да продолжат да создаваат уметност во овие времиња. Таа исто така преку своето дело на изложбата нагласува дека постои само една вистина во која мораме со сигурност да веруваме: уништувањето навистина ќе се случи ако состојбата на статус-кво опстојува. „Ова е столбот на мојот проект, каде што користам конкретни и директни индикатори за да ја опишам алармантната ситуација во која се наоѓаме и потребата да реагираме. Со “Disaster Diary II“ и “AdaN“ се обидувам да нагласам дека катастрофи се случуваат секој ден околу нас: се надевам дека ова ќе ги направи посетителите посвесни за можната (засега само имагинарна) конечна катастрофа“, вели уметницата.

По повод изложбата ќе биде објавен каталог во кој ќе бидат претставени изложените дела, преку различни слики и критички текстови, меѓу кои и оној на кураторот Лаура Черубини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.