Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Сафи“ на кој како солисти ќе настапат нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски и пијанистот Лука Чамаруги од Италија. Диригент е Виктор Митревски, а на програмата се увертирата од операта “Така прават сите“ и Концертот за пијано и оркестар  бр. 18 од Волфганг Амадеус Моцарт, Соло песни за тенор и оркестар од Франц Шуберт и и песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“ од Густав Малер.

Комичната опера „Така прават сите“ од Вофганг Амадеус Моцарт првпат била изведена  на 26 февруари 1790 година во „Бургтеатар“ во Виена. Либретото е на Лоренцо да Понте кој ја напишал приказната и за оперите „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“.

Делот во насловот „сите“ се однесува на жените и најчесто во англискиот превод на оваа опера е „Жените се такви“.

 

Во 1784 година, Моцарт работел интезивно во Виена, музичкиот центар на Европа во тоа време, каде што се преселил три дена порано. Таа година, 28 годишниот Моцарт напишал шест концерти за пијано, од кои најголем дел ги извел и како солист. Самиот ги каталогизирал своите дела, а Концертот за пијано и оркестар бр. 18 го запишал дека бил завршен на 30 септември. Во февруари следната година го посетил и неговиот татко Леополд кој бил импресиониран од креативниот елан на својот син, а во писмо до неговата ќерка Нанерл напишал и дека освен него, полн со имресии од творечкиот капацитет на Моцарт бил и Јозеф Хајдн кој по една заедничка средба изјавил: „Се колнам во бога дека вашиот син е еден од најдобрите композитори кои ги познавам“.

Франц Шуберт е австриски композитор кој се смета за последен мајстор на виенската класична школа. Тој воедно е и еден од раните поборници на музичкиот романтизам. Иако умрел млад, на 31 година, напишал повеќе од 600 соло песни, девет симфонии, сонати, квартети, неколку опери и многу други дела. Шуберт се смета за еден од најталентираните композитори во 19 век. Музичкиот вокален свет на Шуберт е преполн со едноставни и интимни човечки чувства и емоции, проткаени со најсуптилните и најдлабоките психолошки искуства. Оваа исповед на душата, Шуберт ја обликувал преку специфичниот звук и музичка естетика во своите дела.

„Волшебната хорна на момчето“ е вокален циклус на Густав Малер инспиприран од фоклорни песни од истоимената збира на Аким вон Арним и Клеменс Бретано објавена во периодот меѓу 1805 и 1808 година. Десетте песни за сопран, или баритон и оркестар се публикувани од Малер како циклус во 1905 година. Во секоја песна Малер внесува различни емоции во зависност од текстуалниот контекст. Генијалноста на Малер како еден од најзначајните композитори во историјата на музиката се рефлектира и во овој циклус преку специфична оркестрација и третман за звукот.

 

Виктор Митревски роден во Скопје 1987 година потекнува од музичка фамилија. На седумгодишна возраст започнува со часови по виолина. После успешниот матурски концерт во кој првиот дел свири на виолина, а во вториот пијано, во 2005 година започнува со студии по оркестарско диригирање на универзитетот Св. Кирил и Методиј во класата на Саша Николовски-Ѓумар. Во 2016 година, ги завршува студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломира и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитира во Македонската Опера и Балет со Аптекарот од Јозеф Хајдн, во 2014 диригира со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. 2017 година следува успешното деби во Виена и тоа во Theater an der Wien со експерименталниот проект Wir befreien Eurydike (ја ослободуваме Еуридиче). Истата година стапува во соработка со еден од најталентираните млади диригенти во Австрија, Рафаел Шлусенберг со кој што ја поставуваат операта Дон Џовани во Ваидхофен ан дер Ибс, за потоа следната година истата биде изведена и во Виена. Веднаш потоа ја диригира Грабнување од сарајот и Свадбата на Фигаро . Во 2019 следи дебито со Македонската Филхармонија, една година подоцна диригира и со Скопски Солисти. Во 2020 е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера Хамлет на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес, Виктор Митревски работи во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот Арнолд Шенберг.

Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особен ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и на светските премиери на оперите „Страв“ каде ја толкува главната улога во Новара и Данте во операта за Данте Алигиери во Пјаченца и Скопје. Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како «Сан Карло» во Неапол, «Реџо» во Парма, Операта во Каљари, «Верди» во Трст, «Карло Феличе» во Џенова, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската Државна Опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната Опера во Штутгарт, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната Опера во Прага, Операта во Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори Хол во Токио, Рјутопиа Центарот во Ниигата, Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, Националната Моравска Опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил, пеејќи ги главните тенорски роли во оперите Дон ЏованиТака прават сите жениВолшебната флејтаГрабнување од СарајотСонот на Скипион од Моцарт, Севилскиот берберун“Италијанка во АлжирТурчин во Италија од Росини, Дон Пасквале од Доницети, Сонамбула од Белини, Свртување на штрафот и Сонот на Летната Ноќ од Бритн, Вердиевите Отело и Фалстаф, Ромео и Јулија од Гуно, Славеј од Стравински и Аријадна на Наксос од Р. Штраус. Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче Грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА… Нацоски освен оперската музика ја негува и концертната дејност, изведувајќи со огромен успех музика на Шуберт, Шуман, Брамс, Малер, пред се‘ во дуо со Лука Чамаруги. Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија. Неодамна настапи во Паљачи и во светската премиера на операта На воденица во Трст, во Набуко во Палермо, во Бал под маски во Тенерифе, а истовремено одржа четири рецитали со Лука Чамаруги во Мантова, Милано и Сиена.

Лука Чамаруги е концертен пијанист, радио презентер и музиколог. Од 2007 година секој ден е на италијанското „Радио класика“: а неговата програмата насловена „Il pianista“ е референтна точка во италијанската класична музичка сцена. Пишува и за магазините „Музика“, „Класик војс“, „Суонаре њуз“ и „Кориере дел Тичино“. Соработувал како пијанист и музички консултант во реализацијата на анимираниот филм „Макс и маестрото“ во кој меѓу останатите протагонисти се појавува и Даниел Баренбојм.

Во 2020 година излезен неговата книга посветена на Франц Шуберт. Одржува семинари за пијано на академеијата „Пренаесте“ до Рим, на институтот „Брера“ во Новара... Со тенорот Благој Нацоски го изведе вокалниот циклус „Убавата воденичарка“ на лајфстрим во 2020 година на фестивалот „Витербо ин музика“. Од 2010 до 2012 година е уметнички директор на фестивалот „Сетимана ин музика“ кој се одржува во Клусоне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.