Операта „Набуко“ од Џузепе Верди вечер ќе биде изведена во Националната опера и балет. Диригент е Иван Еминовиќ, режија Ренато Бонајуто од Италија, а сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија.
Концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи гостинката од Србија, сопранот Сања Керкез, добитничка на голем број награди и признанија меѓу кои годишната награда на Народниот театар во Белград за уметничко достигнување за нејзините улоги во оперите „Лучија од Ламермур“, „Травијата“ и „Риголето“.
Благој Нацоски ќе настапи како Исмаил, Ирена Кавкалевска ќе ја игра Фенена, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Борко Биџовски, Ана Ројдева Талевска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Од Националната опера и балет посочуваат дека „Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор.
Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет.
– Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија, која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја“), се наведува во соопштението од Националната опера и балет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.