Во сабота, на 21 октомври, во Музејот на македонската борба, во 20 часот, во рамки на Фестивалот „Златна лира“ ќе се одржи концерт на добитниците на наградата на СМУМ на Фестивалот „Охридски бисери“, под наслов „Подиум на млади“.
Ќе настапат: Мерт Рустемов – кларинет, Стефан Трајаноски – саксофон, Мевљуд Асаноски кларинет, Ѓорѓи Димовски – саксофон, Арсениј Ангелески – пијано, кои ќе изведат дела на Кепке, Шостакович, Руеф, Вебер, Менделсон и Крепин.
Во рамките на својата редовна концертна програма која ја сочинуваат настапи на реномирани музички уметници од Македонија и странство, фестивалот „Златна лира“ традиционално го отстапува својот подиум на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. Ваквата можност да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат. Фестивалскиот подиум на млади на „Златна лира“ овозможува да се создаде компактна, генерална слика за тоа, каква е патека на движење и развој на македонското исполнителство .
Во таа смисла, последниве години, СМУМ соработува со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.