На денешен ден, во 1939 г. во Хрватска излезе од печат стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, антологија на болките и страдањата на македонскиот народ.

Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.
Историчарите на македонската современа книжевност напишале: Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.