На денешен ден е отворен МСУ. Идејата за формирање на ваков музеј возникнала по земјотресот во 1963 година и големиот број на пристигнати уметнички дела, како солидарност од страна на меѓународните организации, музеи и поединци. Со цел да се сместат овие подароци, на 11 февруари 1964 година е донесена одлука за основање на Музејот на современа уметност. Бројот на дарувања и подароци се зголемил во последните неколку години, а во периодот од 1966 до 1970 г. бил изнајмен галериски простор за одржување на изложби. Поради зголемените потреби, во 1969 г., започнала изградбата на новата музејска зграда, којашто била свечено отворена на 13 ноември 1970 година.

Еден од неговите основачи е истакнатиот македонски историчар на уметноста, ликовен критичар, професор Борис Петковски кој од 1964 до 1976 бил и прв негов директор.
Под негово раководство, Музејот на современа уметност се здобил со богата колекција експонати од огромна важност, меѓу кои и дело на Пабло Пикасо, била изградена новата музејска зграда, а реализирани биле и над 250 меѓународни изложби.
Визионерскиот ангажман на професор д-р Борис Петковски не само што создаде врвна културна установа, туку и придонесе за создавањето на нејзината препознатлива физиономија, која набргу се здоби со голем углед во тогашната југословенска и светска јавност. Нејзиното формирање значеше во голема мера наше интегрирање во современата уметничка мапа на Европа и светот.

Зградата на музејот зафаќа вкупна површина од над 5.000 метри квадратни, а неа ја сочинуваат три поврзани објекти, во кои се распоредени салите за повремени изложби, просторот за постојана поставка, салата за предавања, библиотека и архива и другите простории. Надворешната површина околу Музејот служи за спроведвање на разни вајарски проекти. Во просториите на музејот се одржуваат изложби, настани поврзани со македонската и странската уметност, трибини, разговори со уметници, филмски прикажување и други културно-уметнички настани. Музејот, исто така, располага со драгоцена меѓународна збирка, која дава претстава за македонската современа уметност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.