На 25 април, во четврток, режисерката Косара Митиќ почнува да го снима дебитантскиот долгометражен игран филм со работен наслов „17“ информираа од „Црна Мачка Продукција“. Снимањето на филмот ќе се одвива на локации во Скопје и Битола.

Сценаристи на филмот се Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ.

Актерската екипа ја сочинуваат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

’17’ жанровски се дефинира како coming – of – age филм. Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи, велат од „Црна мачка продукција“.

Филмскиот проект „17“, „Црна Мачка Продукција“ го реализира во копродукциска соработка со „Арт&Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од Агенција за Филм на Република Македонија, Филмскиот Центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд. Филмската екипа која е ангажирана на проектот е составена од професионалци од трите земји копродуценти.

Косара Митиќ е родена 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ режија во 2013 година во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвена соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Наминии бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

Косценаристот Свилилиќ е наградуван хрватски режисер и сценарист. Често работи како сценарист за други режисери, а има напишано сценарио и за неколку популарни хрватски серии. „Главата на големата риба“ е неговиот прв роман.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.