В понеделник 17 октомври во 8:00 часот ќе биде отворен системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година. Системот за аплицирање ќе биде затворен на 17 ноември во 16:00 часот. Оваа година електронското аплицирање целосно ќе се спроведува преку националниот портал „Е-услуги”, информираше на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Кoстадиновска-Стојчевска.
Таа појасни дека оваа година конкурсот не се спроведува преку веб страница на Министерството за култура, туку преку националниот портали „Е=услуги” со цел дополнително да се поедностави процедурата. Министерката наведе дека со тоа ќе им се заштеди време на апликантите за неопходните документи, кои сега директно ќе можат да ги преземат и да ги прикачуваат.
Техничките упатства и поддршката при аплицирањето корисниците ќе можат да ги најдат на веб страницата „услуги.гов.мк”, како и преку контакт центарот на порталот. Овој процес е крајно едноставен и прегледен за корисниците. Помош во делот за пријавите корисниците и натаму ќе можат да побараат во секторите во Министерство за култура, додаде Кoстадиновска-Стојчевска.
Таа наведе дека од оваа година преку националниот портал „Е-услуги” автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот.
Системот автоматски нема да дозволи физичко или правно лице да аплицира во повеќе дејности од пропишаните, истакна министерката.
Таа, на новинарско прашање дали ќе се скрати времето на чекање на решенијата, со оглед на тоа што за 2022 година апликантите чекале речиси три месеци за да ги почнат проектите, рече дека се надева оти во 2023 нема да задоцнат.
Се надевам дека со ваквиот начин на конкурирање и со ваквото генерирање на решенија за добиените проекти ние ќе можеме уште побрзо тоа да го изменаџираме и дека самите тие ќе знаат, кога веќе ќе добијат решение за прифатен проект, можат да започнат. Се екипиравме и со електронски потписи за сето тоа да оди многу побргу. Се надевам дека во 2023 година нема да задоцниме, нагласи Кoстадиновска-Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.