По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, в петок ќе се одржат повеќе културни настани во организација на Министерството за култура преку кои ќе се одбележи овој значаен ден. 

            Во Музејот на македонската борба, во 18:00 часот, концерт ќе одржи Музичката младина на Македонија, која годинава одбележува јубилеј – 60 години од формирањето.

Во 19:00 часот на „Школка“, во Градскиот парк, концерт ќе одржи рок- бендот „Црно собрание“, кој е составен од ученици од скопското средно училиште „Никола Карев“.

            Во Кинотеката на Македонија во 20:00 часот ќе биде прикажан филмот „Јанѕа“, во режија на Никола Калајџиски, кој е првиот долгометражен документарен филм посветен на животот и делото на Блаже Конески, најголемиот чувар на традицијата, историјата и македонскиот јазик. Своја проекција во рамките на овие настани, филмот „Јанѕа“ ќе има и следниот ден, на 6 мај, во Центарот за култура во Битола, од 20:00 часот.

          Влезот за сите настани е слободен.

          Во рамките на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, в петок во вечерните часови на објекти во неколку градови низ државава ќе има светлосни и видеопроекции со цитати од македонско творештво.

         Оваа година одбележувањето на Денот на македонскиот јазик е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското  писмо во секојдневната електронска комуникација, особено преку мобилните уреди.

        Денот на македонскиот јазик е прогласен во чест на 5 мај 1945 година, кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои македонската азбука како официјално писмо на македонскиот јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.