Во Јавна Соба – Скопје ќе се одржи мултимедијалниот настан СинтЕЗа, уникатен неколкучасовен настан кој ќе ги обедини младите таленти од седум факултети на УКИМ, кои преку уметност, наука и технологија ќе ги споделат своите иновативни идеи и визии. Настанот ја слави креативноста и мултидисциплинарната соработка, и е отворен за сите љубители на културата и иновациите.
Програмата започнува со почеток од 16 часот со изложба на макети, истражувачки проекти и прототипови, каде студентите од архитектура, пејзажна архитектура и инженерство ќе ги водат посетителите низ нивните креации. Овие дела се плод на долгогодишна работа и посветеност, а изложбата од Факултетот за ликовна уметност ќе биде збогатена со звучна инсталација која доаѓа од талентираните студенти на музичките уметности, создавајќи синергија помеѓу визуелното и аудитивното искуство.
Во текот на вечерта, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во театарска претстава подготвена од студентите на драмските уметности, која ќе понуди уникатно сценско искуство. Покрај театарот, ќе има и танцов перформанс кој преку движење ќе го долови духот на креативноста, додека музичките перформанси ќе додадат енергија на целиот настан, завршувајќи со опуштен Jam session.
Во духот на младешката креативност, вечерта ќе кулминира со проекција на кратки филмови и динамичен DJ сет од DJ Denzell, кој ќе ги задоволи сите со својот музички избор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.