Со премиерата на балетската претстава „Молитви на моето тело“ во Националната опера и балет, синоќа (20 декември) кога е и роденденот на Ацо Шопов беше заокружено честувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот.
„Молитвите на моето тело“ ja содржат идејата на долго и неизводливо патување до љубовта и барање нова смисла на зборот со која тоа патување нема да ни се стори бесцелно и неостварливо, па макар барањето да нè упатува кон зборот што личи на „обично дрво“ или „на дланки јагленосани и прародителски голи“, како што е речено во првата молитва.
Од оваа идеја произлегува и структурата и композиционата изграденост на циклусот со „Молитвите“. Секоја молитва претставува за себе одредена целост, одделна поетска транспозиција, но за да се разбере докрај таа го бара своето вклопување со другите. Молитвите извираат една од друга, се влеваат една во друга; тие, барем мене, ми личат на ред од водопади под кои не можеме да застанеме одеднаш, но додека стоиме под едниот – во неговиот шум ние го чувствуваме шумот на вториот, шумот на другите.
Молитвите не се ни поема, ни некој друг, од учебниците познат подолг, поетски спев, тие се просто молитви на телото, песна на љубовта, ќе рече Шопов во разговор со Тамара Арсовска за Радио Скопје во 1968 година.
Поезијата на Шопов синоќа доби телесна форма во спектаклот насловен „Молитви на моето тело“. Станува збор за балетски триптих, работен по идеја на костимографот Александар Ношпал, по мултимедијален принцип, претстава базирана на циклусот „Молитви на моето тело“, кон кој е и приклучена песната „Раѓање на зборот“, и сите циклуси формираат една органска целина.
„Раѓање“, првиот дел кој се однесува на раѓањето на зборот, на раѓањето на телото, на раѓањето на идејата и секој од овие циклуси беше обоен во одредена боја, вториот дел е „Преплетување“ или ткаеж, односно игра со зборови, со човечки тела и тука акцентот е ставен на тој дел, а бојата е пурпурно црвена и третиот дел е „Вознесување“ во една нова димензија, вознесување на телото, на идејата, на исчекорување надвор во некоја нова димензија.
Претставата одлично ја сработија три македонски кореографи, со три различни изразувања поврзани во една целина. Три различни изразувања поврзани во едно цело, а тоа едно цело е и поезијата на Ацо Шопов. Д раматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски , сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм: Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков, а поетско читање ќе слушнеме од актерот Никола Ристановски. Асистент костимограф е Ангела Богеска, светло: Јакуп Јакуп, Нино Митевски, Перо Марачков.
Во претставата настапуваат: Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ована Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча, Франциско Хименес Руис, Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски и Алфред Јаго. Сценограф е Михајло Стојановски.
По синоќешната премиера со која свечено се затвори одбележувањето на 100 години од раѓањето на поетот во фоајето на НОБ беа отворени и две изложби: „Патот по кој чекорам“ и „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“.
Првата реприза на претставата е на 22 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.