По повод големиот јубилеј на Битолскиот театар, 80 години постоење, во Битола гостуваше Македонскиот народен театар со претставата ,,Бели ноќи“, во режија на Звездана Ангеловска. Актерската екипа ја сочинуваа: Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Идејата за создавањето на претставата „Бели ноќи“, како што истакнува режисерката е поттикната од потребата да се создаде камерна театарска сценска верзија според истоимениот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски, каде што главните ликови Сонувачот и Настењка, тука се архетипови на две уметнички души сонувачи. На претставата присуствуваше и битолскиот градоначалник Тони Коњановски со сопругата.
За Битолскиот театар режисерката Ангеловска истакна:

Емотивно сум поврзана со овој театар уште од самите негови почетоци. Сум гледала претстави во старата зграда, го паметам тој момент, првите впечатоци од детството кога влегов во гледалиштето кое го имаше тоа црвено кадифе, мирисот на театарот. Се сеќавам и на моментот кога се изгради новата зграда. Отсекогаш сум била поврзана професионално, пријателски со овој театар. Првата моја награда ја добив токму за претстава, продукција на овој град, Наградата за најдобро актерско остварување „Марина Цветаева“ на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, за претставата „Повест за Соњечка“ во 2003 г во режија на Благој Мицевски. И ете сега после толку години, претставата „Бели ноќи“ гостуваше на јубилејот на овој театар“.

На Битолскиот театар му посака уште многу успешни претставувања.

Посакувам уште многу успеси на овој театар, и посакувам на младата генерација да ги следи стапките на претходните генерации бидејќи Битолскиот театар ја има таа традиција, отсекогаш ми е асоцијација за еден театар од водечките во Македонија. За тоа говорат многубројните гостувања, награди, посакувам младата генерација да внесе и новитети, посакувам државните структури да ги поддржуваат театрите, посакувам уште многу успешни премиери, публиката да ужива, да продолжи традицијата, посакувам овој град да си го задржи достоинството заедно со културата бидејќи самиот град Битола отсекогаш ми бил најзначаен град во кој културата виреела заедно со театарот“.

Сценограф на претставата „Бели ноќи“ е Мартин Манев, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, композитор Марјан Неќак, извршен продуцент Симона Угриновска, продуцент Дамјан Цветановски. Второто гостување е денес, гостувањето на Драмскиот театар од Скопје со претставата „Мојот маж” работена по делото на Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Третото гостување е на 11.11, понеделник, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, со претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов.
Одбележувањето на јубилејот ќе се заокружи со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски-80 години потоа“, на Битолскиот театар, на 14.11. Претставата е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.