Битолскиот театар се наближува кон големиот јубилеј, 80 години постоење. Во рамките на програмата за одбележување, се и неколку гостувања од театри и тоа: МНТ, Драмски театар Скопје и театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“- Велес.
Првото гостување е на 07.11 (четврток) со почеток во 20.00 ч. на МНТ-Скопје со претставата ,,Бели ноќи“,во режија на Звездана Ангеловска. Актерската екипа ја сочинуваат: Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Идејата за создавањето на претставата „Бели ноќи“, како што истакнува режисерката е поттикната од потребата да се создаде камерна театарска сценска верзија според истоимениот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски, каде што главните ликови Сонувачот и Настењка, тука се архетипови на две уметнички души сонувачи.
Второто гостување е на 8.ноември на Драмскиот театар од Скопје со претставата „Мојот маж” работена по делото на Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Гостувањето на Драмски Театар Скопје е дел од годишната програма на НУ Центар за култура Битола за 2024 година, поддржана од Министерство за култура, кое Центарот го приклучува во честитање на 80 годишнината на Битолскиот Народен Театар и 80 годишнината на Општина Битола. Како две институции од култура се светол пример на беспрекорна соработка и взаемна подрршка за реализација на настаните и програмите, и нивната цел е таа пракса да продолжи и во иднина.
За претставата „Мојот маж” се вели дека е обид да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото. Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. Оваа претстава ќе се одигра на сцената во Битолскиот театар со почеток од 20 часот.
Третото гостување е на 11.11, понеделник, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, со претставата „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер и во истата играат: Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.
Станува збор за комедија во која се комбинираат комедија на карактери и комедија на ситуации. Приказна која го коментира високото француско општество кое презаситено од сè што може да си пружи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните од нив. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Претставата ќе се одигра со почеток од 20 часот.
Одбележувањето на јубилејот ќе се заокружи со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски-80 години потоа“, на Битолскиот театар, на 14.11. Претставата е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.