По повод 50-годишниот јубилеј, Младински културен центар доби (МКЦ) поштенска марка „50 години МКЦ” издадена од АД Пошта, како дел од Годишната програма за издавање на поштенски марки на националната Пошта.
Поштенската марка, која излезе на 27 септември 2022 година е дело на македонскиот дизајнер Марко Ковачевски, додека АД Пошта истата ја издаде со вредност од 50 денари во 6000 примероци.
За мене МКЦ е лична приказна и се трудев визуелно да ги поставам сликите што мене лично ме поврзуваа со него. При конципирањето на решението не сакав едноставно да ја насликам институцијата и нејзината историја, туку истовремено да ги прикажам и нејзината еволуција, оригиналност и мисија за младите и децата во Скопје. Затоа ја прецртав зградата на МКЦ заедно со скулптурите и уметноста која ја опкружува, а со кои и колоритно се надополнува, за кои мислев дека се соодветни на годишнината и поводот. Па така, скулптурта на Дада е ставена во преден план затоа што истовремено потсеќа на хор, или бенд, или група што се бунтува, а одзади е поставен споменикот „Бомба“ посветен на антифашистичкото востание во 1941 и улогата на младите од Скопје во почетоците на народно-ослободителната војна. Во позадината е поставена планетата на која стои Малиот Принц – омилената скулптура на сите детски посетители на установата. Според мене, МКЦ за изминативе 50 години е тоа – дом на младинската бунтовност, прогресивност и уметност и на детската радост, вели авторот Ковачевски.
МКЦ одлучи да по случаен избор испрати писма со благодарност до голем број соработници, уметнци, индивидуалци, институции и лица кои биле дел од програмското делување на МКЦ и помогнале во нејзиното културно издигнување.
МКЦ е една од најзчајните институции од областа на културата и вон институционалното културно делување во државата, основан на 28 декември 1972 година од Собранието на Град Скопје. По скромните почетоци наменети за најмладите, својот вистински развој МКЦ го доживува во последните 20 години со проширување на своите програмски, стратешки и културни делувања.
Како институција која е востановена и никната врз основа на покажаната светска солидарност, пост земјотресот, МКЦ за младите во Скопје значи нов импулс, нови надежи и простор во кој можат да ги реализираат своите културни потреби како најважната точка за дружење, размена на идеи, место за слободно изразување на младите.
Од МКЦ најавуваат голем настан на 28 декември годинава со кој ќе се заокружи јубилејната година на институцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.