По извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 г., во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова, стои во писменото соопштение на Министерството за култура.

Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор.

Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија.

Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија.

Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата.

За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.

Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити.

Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и , како врвна национална установа, мора да биде водена професионално, велат од Министерство за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.