Деновиве од печат излезе новиот роман „Мина“ од Игор Анѓелков, како 222 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. По збирката раскази „Двојна експозиција“ објавена минатиот септември, ова е четврти роман, а вкупно шеста прозна книга на авторот, роман со мирис на чај од тегавец, вкус на палачинки со шеќер, завиен во плетен џемпер, со календарче под перница… како што гласи поднасловот на книгата.

Ана Мартиноска во поговорот насловен „Експлозивна семејна сага за ретка жена со ретко име“ пишува:

Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација.

Покрај навигирањето низ овие лавиринти низ туѓата приказна, она што за секој читател е веројатно најважно е дека оваа книга ќе ве упати на зрело преиспитување на сопственото семејно наследство кое, сакале да признаеме или не, ја одредува насоката на нашата, лична животна авантура и со тоа, нé потсетува на сопствената минливост. Од сите овие причини, и уште многу кои допрва ќе ги откриваме со секое следно препрочитување, сé појасно станува дека секое ново дело на Анѓелков веќе нема да се чита исклучиво само по себе, туку и како дел од еден поголем циклус на дела кои создаваат една голема книжевна приказна или дури и во контекст на комплетниот опус на авторот“.

Деновиве Анѓелков ќе ја промовира и потпишува книгата на штандот на ИЛИ-ИЛИ на актуелниот Саем на книгата во „Борис Трајковски“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.