Вечерва во големата сала на Филхармонија во 20 часот ќе се одржи концертот на врвниот виолинист Стефан Миленковиќ од Србија кој ќе настапи со македонскиот камерен оркестар „Профундис“.  Концертот е целосно распродаден.

Миленковиќ, познат по својата извонредна техника и емоционална длабочина, ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Заедно, тие ќе изведат возбудлива, сложена и технички најпредизвикувачка програма која вклучува ремек-дела од композитори како Паганини, Сарасате и Чајковски.

За програмата, маестра Дашиќ истакна дека вечерва ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари, но заедно со  Миленковиќ и врвните музичари од камерниот оркестар „Профундис“, публиката ќе има единствена можност да ужива во перфектна изведба на овие ремек-дела.

Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама вечерва, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век“, најави на официјалната прес-конференција српскиот виолинист.

Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од Профундис, истакнувајќи ја
извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот.

Настапувањето со Профундис ќе биде на мое големо задоволство. Нивната посветеност на совршенството и нивното суптилно разбирање на репертоарот ќе го направат овој настан вистинска прослава на музиката,“ изјави тој.

Камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, стекна репутација како еден од водечките камерни оркестри во регионот, познат по своите креативни и динамични настапи и иновативни програми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.