Под мотото „Месец на Пучини“ , ноември во Националната опера и балет ќе биде посветен на италијанскиот композитор Џакомо Пучини (22 декември 1858 – 29 ноември 1924) со што ќе се одбележат 100 години од смртта на безвременскиот оперски мајстор.
На 8 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини
Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Италија, Маурицио Коласанти , во режија на Дејан Прошев, претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Настапуваат: Доменико Менини (Италија), Анстасија Дорошенко (Германија), Горан Начевски, Драган Ампов, Владимир Саздовски , Катерина Стојановска, Невен Силјановски
Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Тихомир Јакимовски, Ема Гиновска , во придружба на хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
„Боеми“ од Џакомо Пучини e опера во четири чина, дејството се одвива во Париз, либрето се базира на „Сцени од животот на боемите”од Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.