Портрет на Мерилин Монро од американскиот уметник Енди Ворхол достигна цена од 195 милиони долари (нешто над 184 милиони евра) на наддавање во Њујорк, што го прави најскапото уметничко дело од 20 век продадено на аукција, според „Кристи“.

Сликата „Мерилин во зелено-сино“ (Shot Sage Blue Marilyn) од 1964 годи на, со димензии 101,6 х 101,6 сантиметри, е заснована на фотопортрет на глумицата и користи тн. „свилено печатење“ и акрилик на ленено платно. Уметничкото дело, кое заедно со канчињата супа „Кемпбел“ е едно од препознатливите дела на Ворхол, се најде „под чеканот“ во аукциската куќа „Кристи“ вчера.

Само „Салватор мунди“ на Леонардо да Винчи заработи повеќе на аукција, 2017 година, поставувајќи рекорд како најскапо уметничко дело продадено на наддавање, достигнувајќи цена од 450,3 милиони долари.

„Мерилин во зелено-сино“ првично беше проценета на околу 200 милиони долари. Сликата доаѓа од фондацијата „Томас и Дорис Аман“ во Цирих, која има намера да ги употреби приходите од наддавањето за добротворни цели.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.