Меѓународната книжевна манифестација „Вавилон“ ќе се одржи утре и задутре, во организација на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Свеченото отворање ќе биде утре,во 11 часот во Свечената сала на ДПМ. По музичката точка на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, Насока за традиционална музика и игра, поздравна реч ќе има претседателот на ДПМ проф. д-р Христо Петрески. Беседа за Вавилон ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ.

Годинашни добитници на меѓународната награда „Вавилон“ се Игор Мировиќ, поет од Војводина и македонскиот писател Јордан Плевнеш.

Признанието „Македониум“ ќе им биде доделено на Културно-информативните центри на Македонија во Њујорк, Софија, Истанбул, Тирана и Загреб.

Во продолжение на програмата, како што информира ДПМ, ќе следува „Поезија на реки од јазици“ со учество и настап на истакнати поети од земјава и странство.

Следниот ден ќе се одржи литературно матине „Вавилон“ во галеријата Даут пашин амам во Старата скопска чаршија, со почеток во 11 часот. Ќе настапат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, насока за традиционална музика и игра, а поздравна реч ќе има проф. д-р Дита Старова, директорка на Националната галерија.

По беседите на добитниците на наградата „Вавилон“ Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш, ќе настапат афирмирани писатели од земјава и странство.

Манифестацијата „Вавилон“ е меѓународна и традиционална, а годинава се очекува да има учесници од Македонија, Србија, Италија, Шпанија и други земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.