Во издание на „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат книгата „Размислувања без пардон“ од проф. д-р Стефан Влахов-Мицов. На страниците од своето најново дело, познатиот научник и публицист говори за мноштво суштествени теми сврзани со историските и современите премрежиња на македонскиот народ, се наведува во денешното соопштение на „Матица“.

– Преку примери на политичките првенци, кои во долгото македонско транзиционо време раководеле со судбината на нашиот народ, ја нагласува лекоумноста и неукоста во поглед на остварувањето на идеалите на илинденците и асномците. Во трите инструктивни студии: Живот и илузии или што бараме од животот (Приказна за трошката во Казанот), Македонската историја и самодоверба (Приказна за чевлите на Духот) и Забеган свет (Приказна за будалите и корисните идиоти), со јазик прифатлив за широк круг на читатели ги толкува и отсликува македонските состојби, а посебно македонските политичи првенци во изминатите три децении. Пораката на книгата „Размислување без пардон“ е континираната борба за вистината по сите прашања, кои го преокупираат авторот. Негов омилен лик е Григор Прличев, кој целиот свој живот ја барал вистината и конечно стигнал до неа, надминувајќи ги грчките и бугарските измами, општествените и социјалните контроверзи, стереотипи и догми, пишува во соопштението.

Од „Матица“ додаваат дека Влахов –Мицов, роден во Габрово во 1958 година, во изминативе две децении создаде богат научен и публицистички опус, а неговото капитално дело „Филозовскиот клуч за македонскиот идентитет“ доживеа повеќе изданија и е цитирано од балкански научници и посветници на македонската историја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.