Слем-поетот Матеј Петров е победник на годинешното издание на „Слем поетри Македонија“ – 2024, кое од 10 до 13 октомври по 14. пат се одржуваше во Прилеп.
Петров пред публиката настапи со песните „Слика“ и „Преку леб, погача“.
За гласовите беше задолжена петчлена жири-комисија, а со минимална разлика во гласовите со победникот, второто место го освои Виктор Спасески од Прилеп.
Третото место, според бројот на гласови, го поделија четири слем-учеснички.
Петров следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.
На годинешниот слем, се претставија двесетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела.
Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“ во НУЦК „Марко Цепенков“.
Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на четири книги поезија: „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“) од Пијан Славеј (Бранислав Николов), „Модра мрежа“ („ПНВ публикации“) од Марина Шокева, „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова – Лори („Чудна шума“) и „Додека спиеш“ („Чудна шума“) на Биљана Стојановска.
Стихови читаа Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Игор Трпчески и многу други, а специјална гостинка беше Шенон Саливан, која доаѓа од Берлин, и која пред публиката имаше фантастичен поетско-музички настап.
Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и италјански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.
Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците имаа можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населба Точила, а се одржа и поетско читање на манастирот Трескавец.
Традиционално за манифестацијата се испечати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
„Поетри слем Македонија“ досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Годинава на Европскиот поетски слем, кој ќе се одржи во Кошице, Словачка, ќе нѐ претставува минатогодишниот победник – Миланчо Пендев од Кавадарци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.