Унгарската режисерка Илдико Ењеди, која е годинашен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, одржа мастерклас на кој присуствуваа истакнати македонски режисери и студенти од Факултетот за филмска уметност во Скопје.
Искусната режисерка сметаше дека е интересно заедно да го поминат тој еден час и да проговори со професионалците за нивните недоумици или проблемите се соочуваат додека работат.
-Вистина е дека има голем притисок не само во филмската индустрија, туку и во другите видови уметности и сметам дека така ја уништуваат идејата. Во мојот живот сум се соочила со многу бариери од очекувања, политички и естетски пречки. Во времето на социјалистиката ера јас немав можност да одам по главниот пат и да добијам пари, моите дела да бидат финансирани затоа што јас работев во една уметничка група која беше интердисциплинарна и чии членови беа следени од страна на тајната полиција, така што беше опасно да се работи во такви услови. Потоа сфаќате дека треба да уживате во тоа што го работите и дека едноставно треба да ја платите цената. Всушност, треба да бидете искрени со себе си. Тоа е најважно, рече Илдико.
Авторите споделија искуства и за емотивната состојба со која се соочуваат доколку филмот не биде поканет на некој фестивал. Трошат години од својот живот додека го прават филмот, а потоа нема никаква , или има многу мала можност да се прикаже тој филм.
– Ако сакате да бидете артикулиран и за себе, и како режисер треба да сфатите која е вистинската природа, вистинскиот јазик на филмот. Ако одите на експедиција на Северен Пол треба мошне внимателно да се подготвите за да не заборавите нешто, бидејќи нема простор да се вратите назад, но ако понесете премногу работи, ќе бидете претешки и може да паднете. Тоа ја дефинира подготовката на секој проект и тоа ви помага да сфатите што е целта на проектот. Ако за сите кои работат на филмот е тоа кристално јасно тогаш емоциите можат слободно да циркулираат и да се внесе целата креативна енергија. Тоа ни е единствената шанса. Што се однесува до учеството на филмски фестивали и поголема гледаност на филмовите, можеби треба да има платформи за филмови, налик на оние што веќе постојат за компјутерски игри, каде плаќате извесна сума и потоа можете да избирате која игра сакате да ја играте. Ваква платформа за филм може ќе ни помогне за поголема гледаност, вели Ењеди.
Се осврна и на искуството од снимањето на филмот „Приказната на мојата сопруга“, за кој вели дека е филм кој го снимала за себе.
-Го обожувам филмот „Приказната на мојата сопруга“. Сценариото го напишав во 1991 година и беше во конкуренција на филмскиот фестивал во Кан. Имавме прекрасна проекција, седев и се чувствував прекрасно. Беше јули и во Франција се прославуваше празник, имаше огномет и потоа во текот на ноќта првите американски филмски критичари имаа ужасни критики и тие го уништија филмот. Сте потрошиле неколку години од својот живот во него, срцето сте го вложиле, но се случуваат такви работи. Не само емоционално, и физички е тешко да гледате што се случува со филмот. По тие критики никој повеќе не сакаше да го погледне. Немаше покани за фестивали…голем молк. Но, јас знаев дека филмот е добар и чекор по чекор, во Јапонија, Австалија и на некои други фестивали почна да се појавува, но знаев дека никогаш нема да го добие посакуваното внимание. Тоа е нешто со што треба да научиме да се носиме, раскажа Ењеди.
За процесот на снимање, носењето брзи одлуки и справувањето со проблемите Ењеди вели дека режисерот е всушност машина која носи одлуки и тие некогаш се добри некогаш се лоши.
-Адреналинот во процесот на работа е прекрасен. Снимањето е како сурфање, мора да држите рамнотежа, бидејќи секој момент може да паднете во вода, но тоа си има своја убавина, има и свое течение, и правец и мора да носите ад хок одлуки, инаку ќе биде тешко. Филмот е жива материја, освен ако сте Хичкок. Почнувајќи од сценариото, снимањето, монтажата може да го свртите во друга насока, па дури и со нијансирањето, некои работи може да станат јасни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.