Италијанскиот дизајнер Додо Арслан денеска, во 10 часот, ќе одржи мастерклас посветен на италијанскиот дизајн во амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје. Мастеркласот на Додо Арслан е организиран од страна на Амбасадата на Италија и ITA – Italian Trade Agency, во рамки на Деновите на италијански дизајн.
Додо Арслан е италијански дизајнер со ерменско потекло, кој живее меѓу Италија и Флорида. Тој е специјализиран за дизајн на мебел и светлечки тела, како и индустриски производи. Прогласен е од Министерството за надворешни работи на Р. Италија за амбасадор на италијанскиот дизајн и се вбројува меѓу 90-те најдобри дизајнери во светот. Препознатлив е по неговиот еклектичен стил и користењето на најквалитетни и уникатни материјали. Додо Арслан има дизајнирано многу култни креации кои се одржливи и се истакнуваат како декор и практични додатоци на просторот, велат организаторите на настанот.
Како добитник на наградата Young & Design и наградата за Mini Design и Pirelli Pzero, креациите на Арслан Додо се многу барани и популарни низ целиот свет.
Покрај дизајнирањето, тој предава и на различни универзитети во Италија, САД, Шведска, Аргентина, Бразил, Чиле, Хрватска и Египет со цел на идните генерации дизајнери да им ги пренесе своите знаења и искуства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.