Истражувачкиот центар на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска промовираше „Фонетика и фонологија на македонскиот стандарден јазик” во два тома. Првиот, насловен „Супрасегментална фонетика и фонологија”, се однесува на интонацијата и акцентот, а вториот, „Сегментална фонетика и фонологија”, е посветен на гласовите во македонскиот јазик.

Изданието е финансирано од Полска и авторскиот тим е македонско-полски: Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик и дописен член на МАНУ, и експертот за акустика – проф. д-р Бранислав Геразов од ФЕИТ, а од Полска биле вклучени Ана Цихнерска и Агата Травињска, како и академик Ирена Савицка од Институтот за славистика при Полската академија на науките, која е координатор на проектот.

 

Двата тома се создадени по најсовремени методи на фонетски истражувања со експериментални резултати добиени во лабораторија, а материјалот е собран од родени говорители на македонскиот јазик.

Веселинка Лаброска, една од авторите, рече дека во самото издание е нагласено дека современиот македонски јазик во однос на фонетиката е единствен и уникатен во целиот словенски јазичен свет.

 

Таа изјави дека се работи за ново истражување за кое се труделе да најдат соодветен корпус на говорители за кои сметале дека зборуваат, изговараат правилно македонски, спикери од радио и од телевизија (МРТ), како и нивни колеги лингвисти кои снимале одделни секвенции потребни за истражувањето.

-Сѐ е базирано на снимени материјали на родени говорители на македонскиот јазик кои сметаме дека изговараат така како што треба да звучи македонскиот јазик, со сите негови специфики, со нормален изговор на вокалите, со акцент на третиот слог од крајот на зборот, со акцентски целости итн. Забележавме и нови тенденции во изговорот што, веројатно, е нормално за секој јазик затоа што промените се неодминливи, истакна Лаброска.

 

Изданието е наменето, пред сѐ, за студенти, но и за стручњаци со оглед на тоа што е напишано на повисоко теоретско ниво.

-Може да го користат не само оние што се занимаваат со јазик, туку и со акустика и со синтеза и анализа на говор, а токму тоа го работеше нашиот колега Геразов од ФЕИТ. Сè што е во допир со изговорот на македонскиот јазик може да биде искористено од нашите анализи и заклучоци, рече Лаброска.

 

Во однос на тоа колку лингвистите се задоволни од изговорот на македонскиот јазик во општата комуникација и во медиумите, таа смета дека македонскиот како и другите јазици е подложен на промени, но секогаш, рече, може да биде подобро.

-Се разбира дека образовниот систем треба повеќе да води грижа за правилен изговор, правилно акцентирање и токму во таа насока мислам дека нашава книга има посебен придонес. Може многу да се стори, но за да се стори треба да изградиме вистинско патриотско чувство кај нашите деца – да не го потценуваат својот мајчин македонски јазик, туку да се грижат за него во секој поглед. Тоа значи да го зборуваат секаде каде што треба да се зборува, а не англиски или друг јазик. За тоа треба да придонесе образованието, но и родителите односно семејството, рече Лаброска.

Дијалектологот проф. д-р Гоце Цветановски, еден од промоторите, истакна дека новото двотомно издание е фундаментално дело кое, како што рече, ќе направи пресврт во македонската фонетика и фонологија.

-Ова го тврдам затоа што досега истражувањата што се однесуваат на фонетиката и фонологијата во македонската лингвистика се на почетно ниво и ваквите импулси, потпомогнати од врвни стручњаци, како што се академик Ирена Савицка и тимот со кој соработува, придонесе во Македонија да се развие и оваа гранка од лингвистиката. Авторите се потрудиле да ги опфатат сите можни супрасегменти. Станува збор за прозодијата, која е многу малку истражувана и на планот на дијалектите. Интонациската конструкција во македонските дијалекти е неистражена, како и елементите што придонесуваат кон изразот. Затоа мислам дека со ова дело се отвора нова ера во македонската лингвистика, рече Цветановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.