На овој историски ден за Македонија, кога се одржа првата Меѓувладина конференција со ЕУ со што се отвора процесот за прием на земјава во европското семејство, започнува и едно ново поглавје за македонскиот јазик – порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел.
Јазикот кој се говори на сцените на македонските театри, кој се пее на концертните подиуми, на кој се пишуваат македонската проза и поезија, отсега па натаму не само што ќе биде заштитен туку ќе доживее и нова промоција, зашто допрва македонскиот збор ќе одекне во многу нови култури каде што досега многу малку допрел – истакна министерката.
Таа уверува дека со почетокот на преговорите, јазикот, како темел на Македонците, се прецизира без никакви дополнувања и дообјаснувања. Со тоа се отвора вратата македонскиот јазик да стане еден од официјалните јазици на Европската Унија.
Задоволството на овој ден е огромно, кога по 17 години носење тешки, важни, патриотски одлуки Република Македонија и сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или каква било друга припадност, се на вистинската страна. Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство. Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија – вели таа.
Костадиновска-Стојчевска е децидна дека продолжуваме по истиот пат, во интерес на граѓаните, и Владата работи посветено во рамките на автентични иницијативи за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ. Иднината на македонските граѓани е европска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.