Македонскиот независен краток игран филм „Мавера“ во режија на Батухан Ибрахим ќе се прикаже во рамки на студентската програма „BALKAN Shorts“ на 22. Филмски фестивал во Тирана, што ќе се одржи од 22 до 28 септември.

Приказната во филмот ги следи двете сестри Билјана и Вики, кои се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата сестра Билјана ја носи одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нивниот татко е починат.

Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска-Костовска.

Минатата година на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во рамките на филмскиот фестивал „Sирни“, ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески“. Годинава „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови во рамките на интернационалниот филмски фестивал „Клермон-Феран“.

Батухан Ибрахим е и сценарист и продуцент на филмот, а Стефан Ѓоргиевски е директор на фотографија и ја дели продуцентската палка со Ибрахим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.