Македонската изложба „Првите кралеви на Европа“ со раритетни предмети ќе биде поставена во Филдовиот Музеј во Чикаго, со што продолжува турнејата во Северна Америка што почна во 2022 година, а ќе заврши во 2024 година.

На прес конференција во битолскиот Музеј, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска јавно се заблагодари на археолошките тимови и истражувачи на предисторијата на земјава, кои како што рече ја доведоа Македонија на престижната светска мапа посветена на тој цивилизациски период.

Верувам дека изложбата ќе одекне во стручните кругови на археологијата по својата ексклузивност и по своето значење. Верувам дека „Првите кралеви на Европа“, македонската и балканската археологија ја оправдуваат довербата што им ја довери Филдовиот музеј од Чикаго, од каде што е инициран проектот, а во кој се вклучени 11 земји од Балканот, истакна Костадиновска Стојчевска.

На изложбата во Чикаго посетителите ќе може да видат експонати неолитски жртвеник, енеолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци.

Пред светот ќе проговориме за достигнувањата на луѓето од нашата земја кои живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Станува збор за единствени и уникатни артефакти кои зборуваат за нашите приказни од предисторијата кои се проткајуваат и денес. Се предвидува дека над еден милион посетители ќе ја видат оваа изложба и преку неа ќе се запознаат со историјата и со културата на Македонија и на Балканот, посочи министерката Костадиновска Стојчевска.

Националниот координатор, археологот Гоце Наумов информира дека светската изложба најнапред беше поставена во Њујорк, а на 30 март ќе биде отворена во Чикаго каде се очекува голема посетеност на македонската дијаспора.

Турнејата на македонските раритетни пронајдоци изложени во проектот „Првите кралеви на Европа“ ќе заврши во канадскиот град Отава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.