Претставата „Без крв” е дел од репертоарот на 49 издание на театарскиот фестивал „МОТ”. Станува збор за копродукциска соработка која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар Пловдив и Народниот театар „ Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес. Вечерва претставата ќе има македонска премиера.
Претставата е изработена според истоимениот роман на Алесандро Барико. Преводот на романот е на Тоља Радева, авторската адаптација е на Александар Секулов, драматург е Сашо Димоски, сценската верзија и режијата се на Диана Добрева, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореографијата е на Олга Панго, а преводот на македонски е од Ана Батева.
На денешната конференција за новинари, драматургот Александар Секулов рече дека претставата не е за извршување одмазда.
Таа има само еден фокус, а тоа е дека љубовта може да ги исцели раните. Простувањето е само мал дел од љубовта. Тоа е почетна точка на љубовта и е пасивна. Ти можеш да простиш, но другиот може да не ти прости. Во случајов станува збор за љубов, која се раѓа и само таа може да ги исцели раните. Ова е основната цел на овој спектакл, порача на Секулов, по повод македонска премиера на оваа претстава, која ќе се одржи вечерва во во Албанскиот театар.
Драматургот Сашо Димоски информираше дека оваа претстава е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмски театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес. Според Димоски, станува збор за еден исклучителен настан во светот на уметноста.
После долг временски период покажавме дека заедно со нашите колеги од Бугарија можеме да работиме, да создаваме, да ги надминуваме сите препреки и да покажеме дека јазикот на уметноста, јазикот на театарот и јазикот на длабокото човечко разбирање може да не направи секогаш пoдобори, пред се за себеси, а со тоа и со сите оние со кои кои живееме и се трудиме да развиваме подобар свет, рече Димоски.
Романот „Без крв“ на Алесандро Барико не е преведен на македонски, но Димоски смета оти наскоро ќе биде објавен, бидејќи станува збор за еден исклучителен текст, новела, која веќе има и своја театарска, но и филмска адаптација. Литературното дело на Алесандро Барико ја поттикна мешовитата авторска и актерска екипа безусловно да се вложат во создавањето на претставата.
Самата претстава разработува теми на помирување без крв, кое може многу симболично да се сфати особено за Македонско – бугарските односи во моментов. Претставата разбуди многу емоции кај бугарската публика и топло се надевам дека и кај нас ќе биде прифатена позитивно. Сметам дека вакви копродукциски треба да продолжат да се негуваат во име на моќта на уметноста и убавината, кои ќе го спасат светот вели Олга Панго, кореографка на „Без крв“.
„Без крв“ затвора тројца мажи во својот лавиринт: татко, две деца и крволочен Минотаур за време на граѓанска војна. Во текот на годините додека трае зачадениот мир, една убава жена стои пред продавач на билети за лотарија, чекајќи да го започне својот пат или кон смртта или кон пресметка. „Има ли крај на одмаздата, или пак ова е еден маѓепсан круг во кој сите сме проколнати да се вртиме?“, е едно одлично прашање што го поставува овој роман. Засилувањето на одмаздата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме. Човекот е сé поосамен во „срцето на земјата“.
И само љубовта ги затвора раните без да ја повтори болката.
Во претставата играат Маргита Гошева, Васил Зафирчев, Константин Еленков, Патриција Пандева, Исидор Јованоски, Филип Христовски, Красимир Василев, Георги Вачев, Кети Борисовска, Симеон Алексиев, Елена Кабасакалова, Катрин Гачева, Златко Шарков, Филип Василевски, Елена Димитрова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.