„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата со куси раскази „Баш сум хепи!“ на познатата и најчитаната хрватска писателка за деца Сања Пилиќ.

„Баш сум хепи!” е збирка раскази за деца од помлада училишна возраст, за оние кои се пред прагот на тинејџерската возраст. Сања Пилиќ во „Баш сам хепи!“ носи низа искуства од животот на децата на духовит, луциден и забавен начин. Дискретно поучна, оваа книга ги истакнува сите важни работи што едно дете на таа возраст треба да ги знае: важноста на учењето, пријателството, одговорниот однос кон себе и кон другите, но и важноста на играта и забавата.

Раскажани во прво лице, тие содржат динамика, љубопитност, радосни мисли, забава, мечтаење, возбуда и многу повеќе од ковчежето на ведрината што го има авторката. Во некои раскази поцрвенуваат ушите од заљубеност, а на некои наеднаш им се појавуваат три мозолчиња на носот. Но има уште необични и интересни моменти. А сите раскази се однесуваат на растењето, зреењето и раѓањето на симпатиите.

Сања Пилиќ во својата проза посебно сочувствува со девојчињата и момчињата во пубертетот. Нејзините раскази и романи започнуваат без долги воведи и доминираат неформални, хумористични дијалози. Таа создава мост на разбирање меѓу возрасните и децата, почитувајќи ги и двете возрасти. Нејзиниот вокабулар е разговорен, а речениците ѝ се куси и исполнети со ведрина. Чувствата отворено се изразуваат, а чест е внатрешниот монолог. Таа сака ненадејни и импресивни моменти и има својот уникатен стил, кој е многу препознатлив за неа.

Сања Пилиќ (1954) е автор на повеќе од седумдесет книги, меѓу кои сликовници, книги за деца и за млади и книги за возрасни. На списокот на задолжителни лектири за основните училишта во Хрватска има повеќе наслови, а повеќето од нив се публикувани по десетина изданија. Нејзини најпознати дела се: „Сè најдобро за мајките“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Е, баш не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор за успех “, „Мала торба, голема слобода“ „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“, „Баш сум хепи!“ и многу други.

Добитничка е на дваесетина награди и е номинирана за меѓународната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за 2024 година, како и за наградата АЛМА (Astrid Lindgren Memorial Award) за 2024 година.

Нејзини текстови се преведени на словенечки, англиски, германски, холандски, италијански и унгарски. Нејзини книги се преведени на словенечки, бугарски и албански јазик. „Баш сум хепи!“ е прва нејзина книга објавена на македонски јазик. Дипломирала на Факултетот за применета уметност, отсек фотографија. Работела како фотограф, снимател на кинематографски ефекти и сликар на сцени за цртани филмови. Живее и работи во Загреб.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.