„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Додаток за фотоалбум“ од современиот руски писател Владислав Отрошенко, во превод од руски јазик на Ленче Тосева, со предговор на авторот и со поговор на Венко Андоновски.
Романот претставува фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“.
Без динамичен заплет, без неочекувана серија на настани, но и без ниту една излишна слика или детаљ, авторот со својот специфичен наративен пристап и со динамичниот и жив јазик создава прилично јасна слика за една парадоксална безвременска реалност, но притоа остава простор и за личната фантазија на читателот. Нестандардниот магичен реализам или поточно магичниот постмодернизам го прави романот да „изгледа како магична кутија исполнета со изненадувања и авантури“, но и како еден повеќедимензионален и мистичен свет.
Италијанската славистка Надија Каприољо вели дека „големата куќа“ прикажана во романот со неистражени сали, со непробојни простории и ходници е „архетипот на фантастичната Русија, која никогаш не се променила од времето на Гогољ“. „Пишувајќи магично и реалистично во исто време, кое маѓепсува со своите слики, често далеку од човечката логика, и со каскадни дигресии“, пишува таа, „Отрошенко раскажува еп за ’роднините со бакенбарди‘“. Таа укажува на филозофските и онтолошките аспекти на романот, особено на посебниот систем на наративно време, верувајќи дека писателот успеал да ја прикаже „Русија, фиксирана во атемпоралниот простор“. („Ла Стампа“)
Венко Андоновски во поговорот на романот пишува:
„Отрошенко пародира не само наративни конвенции, туку и цели откршоци од културни текстови, семиотички мрежи од цели култури! Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на XXI век!
Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана ствар¬ност што ја викаме – роман. Во прашање е една суптилна расправа за еден интермедијален однос (збор-слика) која се води невидливо секаде каде авторот се занимава со коменти¬ра¬ње на некоја од малубројните фотографии што му останале како единствен материјал за романот.
Сè на сè, ова е сјаен роман. Роман-тест за можностите на романот денес. Роман што понесува, заведува, обвинува, поста¬вува најсериозни и непријатни прашања, роман кој сака да знае. И сето тоа испишано со незамисливо лесниот, а тежок за постигање стил на мајсторот на современа руска прозна реч, Владимир Отрошенко. Книжевниот козак на светот, во XXI век.“
Владислав Олегович Отрошенко (1959 година, Новочеркаск, Руска Федерација) дипломирал на Факултетот за новинарство на Московскиот државен универзитет. Член е на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“.
Делата на Отрошенко се преведени на 14 јазици: англиски, француски, италијански, германски, кинески, унгарски, слове¬неч¬ки, литвански, фински, српски, словачки, ерменски и естонски.
Негови попознати книги се: „Велигденски хаику“ (1991), „Личност без кредибилитет“ (2000, 2005, 2010), „Тајната истори¬ја на создавањето“ (2005), „Води ме, слепецу“, истражувачки роман за судбината и кривичниот случај на Сухово-Кобилин (2007), „Додаток за фотоалбум“ (2007), „Случај на инженерскиот град“, избор (2008), „Дворот на прадедо Гриша“ (2010), „Гого¬лијана и други раскази“ (2013), „Гоголијана. Писателот и просто¬рот“ (2016), „Предградијата на Вавилон“ (2022).
Добитник е на Гран-при „Писател на годината“ за 2022 година за „Предградијата на Вавилон“. Лауреат е на наградата на Владата на Русија во областа на културата (2014) за книгата „Гоголијана и други раскази“. Во Русија творештвото на Отро¬шенко е наградувано и со националните награди „Артијада на Русија“ (1997), „Јасна Полјана. Л. Н. Толстој“ (2003), „Иван Петро¬вич Белкин“ за најдобра повест на руски (2004), книжевна награда „Горки“ (2006). Добитник е на првата награда на најстариот литературен конкурс „Рунет Тенета“ (2001), добитник на наградата на списанието „Октомври“ за најдобар роман на годината (1999), финалист на наградите Антибукер (2000 годи¬на), „Андреј Бели“ (2007), „Дарот на Чехов“ (2010; 2011).
Во 2004 година, Владислав Отрошенко беше награден со една од најпрестижните книжевни награди во Италија, „Грин¬за¬не Кавур“, за неговата книга „Личност без кредибили¬тет“, објавена во Рим на италијански.
Романот „Додаток за фотоалбум“ е меѓу најпознатите и најпреведуваните дела на Отрошенко и беше многу добро при¬фатен и оценет во Франција и во Италија. Овој роман е првото негово дело преведено на македонски јазик.
Според овој роман, во 2021 година, во Русија беше снимен игран филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.