12 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА

(R.M.N.)

Игран филм, Романија / Белгија / Франција / Шведска

2022, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)

Сценарио: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)

Улоги: Марин Григоре, Јудит Стате, Макрина Барладеану (Marin Grigore, Judith State, Macrina Barladeanu)

 

Неколку дана пред Божиќ Матијас ја напушта работата во Германија и се враќа во мултиетничкото трансилванско село. Сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од неговите нејасни стравови.

Матијас е преокупиран и со својот стар татко, како и желбата да ја види својата поранешна љубовница, Сила. Кога во малата фабрика, која ја води Сила, ќе се вработат неколку нови работници, мирот во заедницата полека се нарушува. Уплашеноста ги обзема жителите, а фрустрацијата и страстите ја нарушуваат дотогашната состојба на привидното разбирање и смиреноста.

Мунџиу со неговиот најнов филм победи на фестивалот во Палиќ, Србија, и беше во конкуренција на уште неколку фестивали, меѓу кои и Кан и Чикаго. Тој со неговиот прв успех во 2007 година, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ТРИ НЕДЕЛИ И 2 ДЕНА (4 luni, 3 saptamâni si 2 zile) освои педесетина награди и беше предводник на романскиот нов филмски бран што направи фасцинантен пробив во светската кинематографија.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

12 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ

(Horí, má panenko / The Firemen’s Ball)

Игран филм, Чехословачка / Италија

1967, 73 мин., колор, ДЦП

Режија: Милош Форман (Miloš Forman)

Сценарио: Милош Форман, Јарослав Папушек, Иван Пасер, Вацлав Сашек (Miloš Forman, Jaroslav Papousek, Ivan Passer, Václav Sasek)

Улоги: Јан Штекл, Јан Вострчил, Јозеф Себанек, Јозеф Валноха, Јозеф Колб (Jan Stöckl, Jan Vostrcil, Josef Sebanek, Josef Valnoha, Josef Kolb)

 

Приказната на филмот се одвива еден сосем обичен ден во мало гратче каде што членовите на локалното доброволно противпожарно друштво организираат забава во чест на нивниот командир кој заминува во пензија. На забавата на досегашниот командир ќе му биде врачена наградата „Златно секирче“, а има и лотарија/томбола и избор на убавици, но се случуваат и ситни инциденти, кои ќе прераснат во вистинска катастрофа. Тортата и другите награди од томболата ќе бидат украдени, транспарентот со испишаната парола ќе се запали, еден од присутните ќе падне од скалите, а некои од девојките кои треба да учествуваат во изборот на убавицата нема ни да дојдат. Згора на тоа, во соседството ќе избие пожар, а токму пожарникарите ќе бидат неподготвени да го изгаснат.

И во овој негов последен филм во чехословачка продукција пред заминувањето за САД, Форман ангажира натуршчици кои ги бира од локалните жители. Форман и косценаристите Пасер и Папушек инспирацијата за филмот ја добиле присуствувајќи на слична таква забава во некое провинциско гратче во Чехословачка, па во нивните сеќавања споменуваат дека сценариото „само се напишало“. Филмот во медиумите на Западот бил протолкуван како алегориска критика на тогашниот комунистички режим во Чехословачка. Кога започнал со киноприкажување, пристигнале и обвиненијата на противпожарните друштва од Чехословачка, кои сметале дека филмот не е само комедија, туку грубо шегачење на нивна сметка.

Копродуцент на филмот е прочуениот италијански продуцент Карло Понти, но по недоразбирањата со Форман, Понти сакал да ја прекине продукцијата. За среќа, така не мислел францускиот продуцент Клод Бери, кој го спасил филмот откупувајќи ги правата за светската копродукција, што бил вистински потег: филмот на Форман освоил номинација за „Оскар“ како најдобар странски филм, продолжувајќи ја успешната низа на чешкиот нов бран. И во ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (или БАЛОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ), Форман соработува со кинематограферот Мирослав Ондричек (Miroslav Ondríček).

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.