Македонската диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, неодамна гостуваше во Грузија, каде што работеше како асистент диригент на славниот маестро од Италија, Клаудио Вандели. Нејзиниот ангажман овој пат, следуваше по минатогодишниот успешен концерт којшто го реализираше со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ во Грузија, од каде доби покана повторно да соработува со ансамблот којшто се смета за еден од водечките младински оркестри во Европа.
Поканата всушност, да гостува маестра Имери Илкоска во Грузија и оваа година, дојде од страна на реномираниот фестивал за класична музика „Цинандали“, а нејзината соработка со маестро Вандели на крајот беше оценета мошне позитивно од страна на оркестарот, на публиката, од музичкиот директор на престижниот „Вербие“ фестивал и на фестивалот „Цинандали“, Џанандреа Носеда, од славниот виолинист Џошуа Бел и секако, од самиот маестро Вандели којшто напиша и свое видување за соработката.
Меѓудругото, тој истакна: „Имери Илкоска успеа да го подигне оркестарот на многу високо ниво на изведба, остварувајќи успешна комуникација, притоа покажувајќи ги најдобрите индивидуални и колективни квалитети на изведувачите… Работеше со големо разбирање на оркестарската боја, стил, баланс и наративен концепт. Ми беше задоволство да соработувам со Дијана и да го видам нејзиниот талент, подготовка, професионализам, посветеност, страст и радост за создавање на музика. Токму оваа енергија е потребна на секој оркестар којшто сака да ги осветли делата на големите композитори…“
Маестра Дијана Имери Илкоска не го крие огромното задоволство од ова нејзино искуство, за кое вели дека е непроценливо. „Повеќе од почестена сум од мојата работа во Грузија како диригент, а особено да слушнам вакви пофални зборови од толку голем и светски реномиран диригент и уметник, како што е маестро Клаудио Вандели. Вистински ветер во грб, во момент кога ме очекуваат големи предизвици на меѓународната сцена“, вели Имери Илкоска.
Маестра Имери Илкоска, со голема радост го најавува нејзиното следно гостување во Софија, Бугарија, кога ќе застане зад диригентскиот пулт со престижната Софиска филхармонија, во сезона во којашто настапуваат врвни светски диригенти и солисти.
Исто така, во ноември ќе гостува во „Коларац“ во Белград, овој пат како аранжер, во рамките на познатиот „Чело фестивал“. Инаку, Имери Илкоска повеќе пати се јавува и како аранжер на дела за разновидни ансамбли и формации кои се изведуваат на нашата и на меѓународната сцена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.