Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави книгата „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска-Анѓелков, која во 2012 ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзината дебитантска книга „Единаесет жени“.

Според рецензијата, новата прозна книга на авторката е слоевито, хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении.

Со тоа, на читателите им се дава фунционален објектив низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и на начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот, се наведува за книгата.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ-монтажа во 2000 година и е магистер по уметности – област филмска и ТВ-монтажа.

Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и потоа имаше уште две изданија. Во финалето за оваа награда беше и вториот нејзин роман – „Молчи со отворена уста“ (2019).

Таа е авторка и на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.