Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, „Сузи Кју“ продукција и „Аворд филм и видео“ е избран во официјалната селекција на 30-тото издание на филмскиот фестивал Астра, кој ќе се одржи во Романија, во трансилванскиот град Сибиу од 15 до 22 октомври.
Филмскиот фестивал Астра, кој е основан во 1993 година, стана еден од водечките платформи за документарен филм во Романија и Европа. На најдолготрајниот романски филмски фестивал, филмовите што се избрани во официјалната програма AFF2023 ќе се натпреваруваат во четири натпреварувачки секции – Emerging Voices of Documentary, Централна и Источна Европа, Романија и DocSchool.
„Љубовната соба” се натпреварува во категоријата на Централна и Источна Европа, а филмот беше избран по долг процес на селекција од страна на престижното жири на фестивалот. Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел дискусијата за филмот после проекцијата во делот предвиден за „прашања и одговори”.
Документарниот филм „Љубовната соба” на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување, соопшти режисерката Диневски.
Извршен продуцент на филмот е Владимир Стојчевски. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, и тонски дизајнер е Игор Поповски.
„Љубовната соба“ минатата година во март 2022 ја доби наградата „Neaniko Plano“ на „Агора Докс”, на фестивалот за документарен филм во Солун, Грција, од 23 март до 2 април 2023 година, имаше светска премиера на филмскиот фестивал Феникс во Аризона, САД (каде филмот имаше три проекции) во категорија на светски долгометражни фимови и европска премиера на ,,ZagrebDox”, во Загреб, Хрватска (со две проекции) во регионална конкуренција. Беше прикажан на 22 мај оваа година во Њујорк, во официјална селекција на филмскиот фестивал Биг Епл филм фестивал во киното Cinema Village, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ, каде „Љубовната соба” беше номиниран за награда.
Филмот беше во официјална селекција и на 21-то издание на Глобалниот филмски и музички фестивал Искија, на истоимениот остров Искија во Италија што се одржа од 9 до 16 јули, а предвидено е учество и на меѓународниот документарен фестивал Пелопонисос, во Каламата, Грција во октомври 2023.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.