Во четврток на 11 април 2024 година во 19:00 часот во КСП Центар Јадро во Скопје, ќе се одржи промоцијата на интерактивна сликовница „Љубов во топка“ од авторката Ана Јовковска и илустраторката Иванка НиБа. Промотор на сликовницата е универзитетскиот професор и писател Владимир Мартиновски.

„Љубов во топка“ е интерактивна илустрирана книга за деца на авторката Ана Јовковска, која го обработува проблемот на врсничкото насилство (булинг) како еден од најгорчливите проблеми на денешното општество. Приказна за пријателството и емпатијата, што го анализира широкиот спектар на емоции кај децата. Книга за кревкото детско срце, за гласот што треба да го пронајдеме, за храброста да кажеме како се чувствуваме и можноста секое дете да биде херој или хероина.

Чувствата што доминираат во нарацијата и илустрацијата се тага, осаменост, нарушена самодоверба, но и верба, храброст, љубов и надеж. Покрај главната наративна нишка во книгата е опфатена и темата за различноста односно маргинализирањето на поинаквите деца. Иако приказната не бега од тагата како емоција, таа дава решение како да се канализираат емоциите и да се пронајде сопствениот глас. Завршува оптимистички, со надеж дека љубовта и добрината го носат новиот детски свет.

Оваа топла емотивна приказна на Јовковска е надополнета со прекрасните илустрации на Иванка НиБа. Преку суптилната текстурна основа и топлиот колоритен пристап таа ни ја пренесува разиграната нота на детството и детските игри воспоставувајќи сооднос помеѓу чистиот детски дух и емпатијата кон се околу нив. Големата палета на емоции во текстот се проткајуваат и низ изразот на секое илустрирано дете, маче, облаче или нијанса. Динамиката на потезниот цртеж и експресивноста на карактерите ни ја доловува различноста на инфантилниот ум и на одразот што го има во сооднос со средината како што се домашното воспитување, љубовта, почитта…Проткаени едно во друго, текст-илустрација, емоција-израз, приказна-слика…

Сликовницата е дел од едицијата Светулка 2 која веќе брои 4 наслови а се планираат уште 5 и се опфатени теми соодветни за деца од раноучилишна возраст. Заедничка е одговорноста и градењето на иднината на нашите деца. Да ги научиме дека секоја емоција е добродојдена и нормална и да ги насочиме како да се справуваат со секоја од нив. За среќно детство!

Ана Јовковска е новинарка, писателка и научна истражувачка. Во суштина – сонувачка, гласноговорничка за слобода, еко-активистка, активистка за правата на децата и животните. Мајка на првачето Алекс и пријателка на кучето Ада. Сонува за свет во кој ќе нема ниту едно гладно дете. Верува дека секој човек е добар, ако му го најдеш клучот до срцето. Нејзините идеали се најсилните кредити на кои се клади.

Иванка НиБа илустраторка, дизајнерка и сликарка. Како илустратор се потпишува на повеќе од 30 сликовници. Мајка на Кристина која и е поттик за создавање на поубав свет каде „ќе можеме да летаме послободни и посреќни“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.