Шотдек (Shotdeck) e буквално славење на филмовите. Овде ќе најдете фотографии и видео материјали од илјадници филмови. Можете да одберете било кој. Овде можете да најдете слики и видеа кои ќе ви послужат и само за инспирација.

Ова денеска го истакна американскиот кинематографер Лоренс Шер, на денешната презентација насловена како „Разговор со пријателите“, која се одржа во киното „Манаки“ во Битола. Пред присутните во публиката, кинематограферот на легендарниот „Џокер“, но и на „Гарден стејт“ и на „Диктаторот“, ја презентираше платформата Шотдек, чиј основач е самиот. Тоа е најголемата светска база на податоци за кинематографски слики, основана во 2014 година и е направена од филмски работници за филмски работници. Иако првично имала за цел да понуди пребарување и категоризација на омилените снимки, еволуирала во неверојатен ресурс што ја слави кинематографската уметност и уметниците кои ја создаваат.

-Сите папки кои ги имав на десктоп од 2015 година, сега се на Шотдек. Ова е славење на филмовите. Еве на пример, овде во секоја сцена има експлозија. Ова се прекрасни фотографии од процесот на правење филм. Можете да пребарате и снимки, рече Шер, презентирајќи материјали кои ги има на платформата.

Заедно со неговите колеги Анастас Мичос, Шејмус Мекгарви и Ула Понтикос, споделија искуства од различни филмски сетови на кои работеле. Зборуваа и за интересни локации на кои снимале филмски сцени. Меѓудругото, кинематограферите зборуваа и за „грешките“ кои ги правеле во минатото на филмски сетови.

-Еднаш на еден сет, додека се снимаше „Гарден стејт“, заборавив да ја вклучам камерата, кажа Лоренс.

Тој на публиката ѝ покажа сцена од филмот „Пол“.

-Ова е сетап на тој филм. Имате пустина, автопат, ноќ, два автомобили се бркаат. Бркањето трае долго. Се случува сообраќајка, по што вонземјанец излегува од темницата. Кога снимавме, беше петок навечер. Наместивме 11 камери, зборуваше Лоренс.

Она што за публиката беше интересно да се чуе и види, е искуството од снимањето на „Џокер“, па директорот на фотографија, Лоренс Шер, даде опис за една од последните сцени од филмот.

-Тој се вози во полициско возило, а на страна од патот има оган. Се мислевме дали да го направиме ова на сцена или во живо на улица, па решивме сепак да снимаме на улица. Снимањето на оваа сцена траеше два дена. Од моментот кога во кадар е полициското возило, до моментот кога камион удира во неа, поминаа вкупно три дена. Ја скршивме колата два пати, рече Лоренс.

Неговата колешка Понтикос, пак, зборуваше за снимањето на филмот „Russian Doll“, поточно за една од сцените, снимена во вода.

-Оваа локација е во Будимпешта. Ова се извори на вода и овде не може да се оди. После натегања дали може да се снима таму или не, на крајот сепак се снимаше. Водата беше многу ладна, актерот стоеше таму цел ден. Кога започнавме да го снимаме овој филм, беше прогласена пандемијата. Сценариото не беше довршено, сите бeа исплашени, на „Зум“ се договаравме, а платформата Шотдек многу ни помогна во снимањето на овој филм, рече Понтикос.

На прашање од публиката, дали има некакви трикови кога нема многу пари за квалитетен филм, односно, кога нема доволно ресурси, Лоренс кажа дека и кога има милион долари за филм и кога има 100.000 долари, сепак се снима.

-И во двата случаи се прави филм, независно од буџетот. И во двата случаи има филмска екипа зад камерите и филмот се прави, додаде тој.

Годинашното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, го има Лоренс меѓу специјалните гости. Номиниран е за Оскар и наградата БАФТА за најдобра кинематографија за филмот „Џокер“ од 2019 година, во режија на Тод Филипс. На едно патување во Париз додека бил ученик, Шер за прв пат ја развил љубовта кон фотографијата, откако неговиот татко го убедил да земе камера од 35 милиметри на патувањето.

Откако завршил курс за филмска историја, Шер веднаш развил интерес за киното. По завршувањето на колеџот, пак, се преселил во Лос Анѓелес и веднаш почнал да работи како гафер на снимање на видео и асистент на реклами, пред да дојде до фазата да работи како кинематографер.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.