По повод 70 години од започнувањето на истражувањата на археолошкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп за прв пат оваа година ќе се прави геоскенирање на целиот терен каде се наоѓа овој антички град, од кој се откриени само 5%, а останатиот дел е се уште затрупан под земја. Истражувањата ќе ги вршат археолози од Археолошкиот музеј на Македонија, кои знаат да работат со современата апаратура.
„Оваа метода е недеструктивна метода, значи не се копа и не се уништуваат културни слоеви, односно површински со тој скенер ќе се евидентира што има под земјата, како градбите се простираат, на кои правци се шират и тоа е добро за нас археолозите, ќе знаеме за следни години за проектите што ќе ги поднесуваме до Министерство за култура конкретно во кој правец да се движат тие истражувања врз основа на овие геоскенирања што ќе ги направиме годинава“, истакна Душко Темелкоски, археолог, раководител на истражувањата во Стибера.
Но иако ќе се скенира дел од теренот сепак археолозите скоро и да нема повеќе што да истражуват на Стибера затоа што сите парцели кои се во државна сопственост се истражени, а останатиот дел од градот се наоѓа под земја на приватни ниви. Дури и дел од тоа што досега е истражено морало да се затрупа повторно, како на пример Собранието на градот, затоа што се наоѓа во приватен посед. Археолозите бараат државата итно да го реши овој проблем со жителите на селото Чепигово во чии ниви се крие непроценливо културно наследство. Односно во замена на ова земјиште да им даде парецели во државна сопственост.
„Се надевам дека еднаш ќе се реши, а тоа е превземање на оние парцели кои сега се во приватна сопственост, затоа што археолошките истражувања не можат да бидат 100% реализирани според нашите замисли и планови се додека парцелите се во приватна сопственост. Тоа е значи сепак главниот проблем, но се надевам дека ќе биде решен“, додаде Темелкоски.
Во тоа време Стибеа имал 20.000 жители, што во денешни рамки тоа би било еквивалент на една огромна метропола. Археолозите велат дека затрупани под земја остануваат голем број палати, театарот и најзнaчајниот дел некрополата на градот. Стибера е на ранг на градовите Стопи, Хераклеа, Скупи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.