На 19 јули (среда) со почеток во 20 часот, кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи литературното читање со Милена Илиќ, Николина Андова Шопова, Јовица Ивановски и Горѓи Крстевски насловено „Кога две песни и неколку раскази…“ Повод за настанот е преведувачката резиденција на Милена Илиќ во Скопје, а на настанот ќе настапат дел од писателите кои Милена Илиќ ги превела на српски јазик. Модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски.

Милена Илиќ (Белград, 1978) дипломирала на Катедрата за книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Пишува песни и кратки раскази и преведува од македонски на српски јазик. Во 2009 година ја објавува поетската книга „Хепи микро вумн блуз“. На српски јазик објавила преводи на книги од Јовица Ивановски, Николина Андова-Шопова, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Владимир Јанковски и други. Во текот на својот резиденцијален престој во Скопје, Милена Илиќ ќе работи на преводот на книгата „Другата страна“ од Ѓорѓи Крстевски.

Јовица Ивановски (Скопје, 1961) е автор на петнаесетина поертски збирки, меѓу кои „Зошто мене ваков џигер“, „Градот е полн со тебе“, „Чуден некој сончев ден“, „Три напред три назад“, „Во сенката на билбордот“, „Стремеж за дремеж“, „Градот што веќе не е мој“, „Човек“. Еден од шесте автори застапени во двојазичната книга „Шест македноски поети“ (2011), објавена во Англија. Препеан е на петнаесетина јазици и застапен во повеќе антологии на македонската поезија. Учествувал на дваесетина поетски фестивали, саеми на книги, резиденции… Пишувал текстови за музика, колумни, сценарио за ТВ емисијата „Говорете македонски“. Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за книгата „Човек“ (2019).

Николина Андова Шопова (Скопје, 1978) дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“. Нејзини песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена  во повеќе антологии на македонската поезија. Во 2018 година го издава романот „Некој бил тука“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ Во 2022 го објавува романот „Естом“ (2022). Пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.

Ѓорѓи Крстевски (Скопје, 1981), завршил руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел околу 25 книги. Автор е на  збирката кратки раскази „Обични и необични приказни“ објавена во 2011 година. Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“. Објавува свои дела на разни интернет портали кои ја промовираат уметноста. Освен кратки раскази, пишува и афоризми и поезија.

Настанот е дел од резиденцијалниот престој на Милена Илиќ во Скопје, поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.