По изнесените наоди на Транспаренси Интернешнл на вчерашната прес конференција, за наводен конфликт на интереси и незаконски спроведен конкурс во Агенцијата за филм на РСМ, повикани сме да одговориме, односно да потврдиме дека не постои никаков конфликт на интереси, ниту пак прекршување на какви било законски одредби во спроведување на Конкурсот за одлучување за поддршка на долгометражен, краткометражен и анимиран филм на минатиот повик на Агенцијата за филм на РСМ, велат од Агенција за филм.
Имено, наспроти тврдењата на Транспаренси Интернешнл кој постапува по пријава на едно лице, а за нивната истрага доставивме повеќе од 500 страници документиран материјал.
Во прилог на тоа, од изнесеното на прес конференцијата, не видовме доказен материјал што би потврдил какви било незаконски или можни злоупотреби.
Повторно потенцираме дека лицата што се вклучени во процесот на евалуација (Рецензенти, Филмски совет, Управен одбор) се избираат според високо утврдени критериуми за компетентност на работата. Истите се обврзани според Законот да ги почитуваат (за што писмено одговараат) одредбите за неучество на конкурсот, непристрасност и тајност на одлучување.
Именуваните лица што беа повикани на прес конференцијата, се искусни и со многу минат труд во филмската дејност и во целост нивната ангажираност е според важечките критериуми.
Финансискиот евалуатор Бранко Петровски повеќе од 30 години е дел од филмската продукција и од креирањето на прогресивен развој на македонската кинематографија, најпрво во Министерството за култура а подоцна во Агенцијата за филм. Истиот никогаш не учествувал во ниту еден филмски проект додека ја обавувал работата како финансиски рецензент. Споменатото негово повлекување од Филмскиот совет, не е под никаков притисок или констатирана злоупотреба, туку еднократно беше дел од Филмскиот совет. По пријавата која тогаш во 2020 година од истото лице како и сега, постапуваше инспекторката на Министерството за култура, беше констатирано дека нема никаков конфликт на интереси.
Ана Опачиќ која е спомената исто така на оваа прес конференција, е именуван евалуатор заради нејзината долгогодишна теориска и практична работа на филм. Опачиќ е доктор по науки која предава на факултетот ЕСРА и е автор на повеќе краткометражни, успешни филмски остварувања. Додека ја обавува работата на рецензент, таа не учествува на Kонкурсот. Споменатото повлекување на проектот следи откако таа е ангажирана, а не под притисок на некакво надзорно тело. Сашко Мицевски поднесе изјава за изземање од Филмскиот совет за време на вториот рок од конкурсот. Тоа е доказ за транспарентното и законско работење на телата и самата институција.
Конфликт на интереси нема ниту за ангажманот на Ана Василевска која во својство на филмски критичар и теоретичар на филмот има објавено повеќе од илјада написи, рецензии и осврти. Истата е магистранд на факултетот ЕСРА и повеќе години ја истражува македонската кинематографија. Никогаш не учествувала во проект на Конкурсот на Агенцијата за филм на РСМ со одлука за долгометражни, краткометражни и анимирани филмови. Споменатото изземање од Филмскиот совет е исто така за еднократен ангажман по кој без да биде прекршен законот за филм се повлекува заради каков било сомнеж за конфликт на интереси, повторно по пријава на истото лице кое дојавува и денес во Транспаренси интеренешнл.
Секоја можна инсинуација или тврдење за некомпетентност или пак злоупотреба на соработниците на Агенцијата за филм, е тврдење дека нашата институција не постапува правилно. Уште еднаш ги отфрлам сите тврдења како невистинити и тенденциозни и останувам отворен за прашања на јавноста и институциите. Конфликт на интереси нема, ниту пак сериозноста и професионалноста на нашата институција би го дозволила тоа. Откако сме ги избрале лицата што ќе бидат дел од процес за евалуација немаме никакво влијание во автономноста на одлучување и се потпираме на нивната компетентност, вели Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм на РСМ.
Не навлегуваме во претенциозните постапувања на Транспаренси интернешенл постојано по налог на едно лице кое постојано се јавува со разноразни пријави во Агенцијата за филм на РСМ. За истото лице беа побарани документи за неговото финансиско работење и истите се ставени на увид на институциите и јавноста и медиумите.
Оттука се поставува прашањето, кој е мотивот на г-ѓата Слаѓана Тасева постојано за едно исто лице да ја извртува вистината и да ја манипулира јавноста?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.