Во целост ги отфрлам сите невистинити и  тенденциозни обвинувања од страна на Државната комисија за спречување на корупција, вели првиот човек на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски. Ваквата реакција на Лазаревски следи по одлуката на Антикорупциска да поднесе иницијатива за одговорност до Владата и за кривично гонење за несовесно работење и трошење на буџетски средства на директорот на Агенцијата за филм.

Тој тврди дека откако е директор на институцијата, последното вработување во Агенцијата за филм  е во 2017 година, кога директор на Агенцијата било друго лице, спротивно на тврдењата на ДКСК дека во Агенцијата се ангажирале партиски експерти со договор на дело.

Ние не вработуваме ова не е приватна фирма па јас кога сакам да вработам некого. Зошто не сум имал вработувања редовно. Прво затоа што четворица си дале отказ од оваа институција. Второ во 2021 и 2022 ние сме поднеле барање до надлежните институции за редовно вработување на луѓе во институцијата, но не сме добиле позитивен одговор, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенција за филм.

Според Лазаревски дискутабилно е коментирањето на извештај на Државниот завод за ревизија и вадење од контекст на препораки дадени во истиот извештај во услови кога Агенцијата за филм во целост постапила по препораките кои ги дал Државниот завод за ревизија, и тоа во Законски предвидениот рок од 90 дена, за што се известени и Заводот за ревизија и Владата.

Да има било што со факти изнесено јас немам никаков проблем да го коментирам со било кој дали со ДКСК, дали со Влада, дали со Министерство за култура, но овде разговараме за тотално нејасни работи, вели Лазаревски.

Лазаревски исто така ги демантира тврдењата на ДКСК дека на филмскиот фестивал во Кан ја носел сопруга на државен трошок, а изнајмил и рента кар, додека службеното возило го употребува за приватни цели.

Јас во Кан не сум престојувал. Јас сум престојувал 15 километри од Кан затоа што хотелското сместување во Кан чини два пати или три пати повеќе од таму каде што јас сум се сместувал. Ниту едно евро не е потрошено за било кој мој близок, сопруга или било кој член од семејството, рече Лазаревски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.