Во последните години, кинеското влијание во Македонија значително се зголемува, главно преку употребата на „меката моќ“. Оваа стратегија не вклучува големи кинески инвестиции, но, сепак, позитивната перцепција на македонските граѓани за Кина, според анкетата на ИРИ, се зголемува. Меката моќ се манифестира преку културни и образовни соработки, кои ја зајакнуваат видливоста на кинеската култура во Македонија и обратно, продлабочувајќи ги културните врски меѓу двете држави.
Главен фактор во промоцијата на кинескиот јазик и култура кај нас е Институтот Конфучиј при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој Институт од 2013 година служи како платформа за меѓукултурен и академски дијалог и соработка помеѓу Македонија и Кина.
Овие институти, кои се распространети низ светот, се една од алатките преку кои Народна Република Кина ја позиционира својата културна дипломатија, која воедно претставува важен елемент во меѓународните односи.
Авторот Мухамед Јашари во академскиот труд „Присуство на кинеската и на руската јавна дипломатија во Македонија: Студија на случај – Институт Конфучиј и Фонд Руски мир“ потенцира дека културната дипломатија е особено важна во контекст на современите глобални интеракции.
Според него, ваквата комуникација станува сѐ порелевантна со нејзината цел да се унапреди културната, па дури и образовната размена, како дел од јавната дипломатија, која е речиси интегрирана во сеопфатните државни активности со цел создавање и зајакнување на јавниот имиџ на нивните земји.
Институтот Конфучиј, како што вели, го зајакнува капацитетот на кинеската држава да воспостави мека моќ и да проектира мирен национален идентитет во светот, при што ѝ помага на Кина да управува со неизвесноста и меѓународното јавно мислење во поглед на нејзиниот пораст во светот кој се менува.
Институтот Конфучиј при УКИМ обезбедува бесплатни часови по кинески јазик почнувајќи од деца од предучилишна возраст до возрасни, вклучувајќи студенти и професионалци од различни компании. Освен тоа, Кина обезбедува стипендии за македонските студенти повеќе од 20 години, а повремено кинеското Министерство за трговија или Институтот Конфучиј даваат дополнителни можности за студирање или патување во Кина.
Професор д-р Лијао Веј, кинески директор на Институтот „Конфучиј“ при УКИМ во Скопје, вели дека преку можностите што ги нуди Институтот се обидуваат да го запознаат нашето општество со традиционалните кинески вештини.
Институтот организира многу настани, вклучувајќи ги прославите на некои кинески традиционални празници, како што се кинеската Нова година, Фестивалот на змејските бродови и други. Преку нашите настани, ние ги воведуваме кинеските традиционални вештини, вклучувајќи ги калиграфијата и сечењето на хартија, вели тој.
Институтите Конфучиј функционираат на партнерски однос, каде што институција од државата е во партнерски односи со некоја институција од Кина.
Влатко Стоилков, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ и македонски директор на Институтот Конфучиј на УКИМ, вели дека наша партнерска институција е Универзитетот на Југозападна Кина за економија и финансии во градот Ченг Лу. Дополнува дека имаат договори со неколку општини и организираат паралелки за изучување на кинескиот јазик и за изучување одредени кинески вештини, во неколку града.
Тоа во моментов ни се Пробиштип, Битола, Прилеп, Македонски Брод и Вевчани и општината Карпош со која имаме воспоставено многу силна соработка и држиме курсеви по кинески јазик во основните училишта во општината Карпош. Бројот на ученици во моментов е над 1 000, минатата година стигнавме до 1 500, оваа година сме некаде над 1 000 од кои најголем број се деца во основно образование кои понатаму очекуваме да напредуваат во изучувањето на кинескиот јазик и секако ќе дадат свој придонес во целокупната соработка на нашата земја со НР Кина, вели Стоилков.
Договори за соработка и „збратимени градови“ дел од културната кооперација
Преку академски врски, договори за соработка со локалните институции, т. н. збратимени градови, Кина инвестира во билатералната соработка со Македонија.
Дел од тие соработки се преточени во формализирани договори како што се Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина (склучена 1995 година во Пекинг) и извршните програми меѓу министерствата за култура.
Овие билатерални документи моделираат формално-правна рамка која овозможува установите, ансамблите, уметниците и другите културни субјекти од двете држави да се поврзуваат, да ги користат ресурсите со кои располагаат и да реализираат реципрочни проекти или заеднички иницијативи.
Културната соработка меѓу двете држави генерално се однесува на сите дејности од областа на културата, литературната и издавачката дејност, музичко-сценската дејност, галериската и ликовната уметност, драмската дејност итн, велат од Министерството за култура.
Сите овие активности, според нив, се во функција на продлабочување на културната соработка меѓу двете држави и имаат бенефиција во запознавањето, промоцијата и афирмацијата на двете култури во меѓународен контекст.
Ана Кристиновска, претседателка на Естима и раководителка на платформата „Western Balkans China policy team“, во овој дел ја потенцира интензивната соработка на ниво на збратимени градови.
Од наша страна главен чинител во соработката е Министерството за култура, меѓутоа во изминатите години видовме доста интензивна културна соработка на ниво на збратимени градови. Од македонска страна Скопје, Битола, Охрид, Кочани и Прилеп се градови што имаат збратимени градови во Кина. Така што на ниво на локални партнерства имавме можности да видиме различни манифестации и обиди да се воспостави некаква културна соработка, вели таа.
Интересно е тоа што, како што е наведено во истражувањето „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ:синергии и пречки“, иако постојат билатерални договори и зголемување на можностите за проучување на кинескиот јазик и култура и на универзитетите и во неформалното образование, сите тие се создадени и/или финансирани од кинески ентитети. Земјите од Западен Балкан немаат автохтони кинески студии, ниту развиена свесност дека ваквата истражувачка активност треба да се развие и поддржи од домашните средства за да се обезбедат независност и одржливост.
Додека во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската ‘мека моќ’ во Македонија“, стои дека повеќето културни настани се тематски фокусирани на кинеската традиционална култура, современата кинеска култура останува недоволно застапена. Тоа е случај и кога станува збор за преводот на книги на македонски јазик, активност што последниве години добива интензитет.
Бенефицијата од културната соработка е повеќестрана
Досегашната соработка на Македонија и Кина во областите на културата и образованието резултирала со повеќе проекти и иницијативи кои, според Министерството за култура, имале значителни придобивки во контекст на ефективната промоција и видливост на македонската култура во Народна Република Кина и продлабочувањето на културните врски меѓу двете држави.
Од друга страна, според Кристиновска, културната соработка носи бенефиција главно за страната што ја промовира.
Културната соработка главно носи бенефиција за страната што ја промовира. Во тој контекст, кога Кина ја промовира културната соработка како дел од обидите за јакнење на нејзината мека моќ, тоа пред сѐ носи бенефиција во јакнењето на влијанието на Кина кај нас. Од друга страна, преку културните настани и културната соработка и ние како држава можеме подобро да ја разбереме Кина, нејзината култура, традиција, политички и економски систем, бидејќи се работи за аспекти што се многу поразлични во Кина отколку во западниот свет и на тој начин да видиме дали и на кој начин можеме да соработуваме со Кина, вели таа.
Професорот Стоилков смета дека бенефицијата на Македонија од влијанието на Кина во областа на културата е повеќестрана и потенцира дека познавањето на јазикот и кинеската култура може да биде од голем придонес.
Познавањето на јазикот за секој поединец, особено заинтересирани во бизнис-секторот, може да биде голем придонес. Притоа, нормално дека познавањето на кинеската култура и традиции и меѓусебното разменување искуства во таа насока е од особен интерес на сите страни, а секако и ние бидејќи нашата мисија е токму таа, изучувањето на кинескиот јазик и кинеската култура во рамките на Македонија, вели тој.
Што се однесува до предностите за Кина, за професорот Лијао, тоа е промовирање на комуникацијата помеѓу земјите и луѓето. Повеќе македонски граѓани добиваат информации за Кина, и обратно.
Преку „мека моќ“ до позитивните перцепции
Дека позитивните перцепции за Кина се зголемуваат во последните години кај нас покажува и истражувањето на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), во кое Кина е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа.
Кристиновска е согласна дека позитивната перцепција за Кина кај нас расте, меѓутоа, оценува дека генералната слика се влошува.
За разлика од кај нас, во најголем дел од западните држави, пред сѐ развиените демократии, перцепцијата за Кина се влошува како резултат на тензиите кои најпрво започнаа меѓу Кина и САД, па понатаму се прелеаја во повеќето развиени држави, па дури и на ниво на односите меѓу Кина и Европската Унија. Меѓутоа, Кина паралелно со нејзиниот економски подем во голема мера е посветена на зајакнување на влијанието и присуството, односно меката моќ во разни држави во светот, и тоа дава конкретни резултати, вели таа.
Еден од тие конкретни резултати е и Глобалниот индекс на мека моќ каде што Кина во 2024 година успеа да се искачи на 3. место по САД и Велика Британија и да ги надмине Јапонија и Германија.
Меката моќ на Кина во Македонија има влијание врз различни аспекти на општеството и економијата. Преку алатки како културната дипломатија и образовните програми, Кина иницира позитивни промени во перцепцијата на граѓаните. Овие иницијативи помагаат во градењето мостови меѓу двете земји, промовирајќи разбирање и соработка. Сепак, додека перцепцијата се менува, важно е да се разгледаат и потенцијалните ризици и предизвици што доаѓаат со оваа форма на влијание. Потребно е внимателно да се следи како овие промени влијаат врз локалната култура и економија, и да се осигури дека придобивките се одржливи и балансирани. Само преку внимателно управување и разбирање на овие аспекти, може да се обезбеди дека меката моќ на Кина ќе продолжи да има позитивно влијание во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.